• четврток, 27 јуни 2024

Перински тврди дека го почитувал законот за Пречистителната станица, Арсовска најавува документи до Обвинителството

Перински тврди дека го почитувал законот за Пречистителната станица, Арсовска најавува документи до Обвинителството
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Разрешениот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, на прес-конференција по објавата за негова смена од страна на Град Скопје,  која според образложението била поради „самоволие и несоодветно постапување во постапка за избор на изведувач на пречистителна станица“  рече дека го следел единствено законот и мислењето на релеванатните институции. Тој ги претстави резултатите од сработеното  и посочи дека изутрината околу 10 часот добил известување од градот дека е разрешен од позицијата прв човек на Водовод со образложение дека наводно влијаел на процесот при одлучување за изградба на Пречистителната станица. -Имено на крајот на јули добив допис од градоначалничката Арсовска која бара од мене промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица. Немаше никакво образложение за ваквата постапка, а причините поради кои ова го бара треба самата Арсовска да ги објасни. Јас за ова ја известив Европската Инвестициска Банка која е банка лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање. Европската Инвестициска Банка одговори за ваквото барање на Арсовска негативно. Значи она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер. Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена и било кога. Ниту пак ќе подлегнам на притисоците. Затоа она што јас го следам е единствено законот и мислењето на релевантните институции. Го известив Градот и ја известив градоначалничката за одлуката на ЕИБ, рече Перински. Дополни дека одлуката на Арсовска за негово разрешување, доаѓа на денот кога комисијата треба да ги отвори понудите. - Почитувањето на законот никогаш не е самоволие како што тоа го пишува Арсовска во соопштението на Градот. Туку единствена обврска. И да не ме разрешеше, јас бев подготвен да си заминам доколку цената е да го прекршам законот, како што таа бараше од мене со разрешување на членовите од комисијата, рече Перински. Потсетувајќи дека проектот за пречистителна станица е на Владата  и Водовод, со кредити од Европската Инвестициска Банка и Европската Банка за обнова и развој, нагласи дека сите преземени постапки се одобрени и потврдени како беспрекорни од банките кои вршат надзор. -Со индигнација ги одбивам сите пишувања, сите обвинувања против мене. Барам од медиумите да бараат одговор зошто градоначалничката бара разрешување на членовите на комисијата... Јас стојам на располагање на сите институции и ги повикувам да го испитаат овој случај се до конечно расветлување на вистината. Затоа што постои можност градот да остане без капитален проект кој е од исклучителна важност за скопјани. Од Водовод си заминувам со чист образ, со многу желба овој процес да успее. Благодарност и до банките кои се партнер во изградбата на пречистителната станица, рече Перински. На пресот на разрешениот директор дојде и градоначалничката Данела Арсовска, која го праша во кое својство држи прес-конференција,  со оглед на тоа дека е разрешен. Таа најави дека документите и сомнежите за местење на тендерот за пречистителната станица ќе ги предаде на Обвинителството. -Со самото тоа што, она што градот го побарал да обезбеди потранспарентна постапка не било спроведено, односно било избегнувано да се спроведе, нашите сомнежи се навистина сериозни дека се обидувало да се влијае на самата постапка. Во Македонија важат законите на Република Македонија, а не европските, да има директиви, договори, кои доследно се почитуваат, но тука ние имаме македонска регулатива и доколку некој ги крши законите, Кривичниот законик, за истото си постои одговорност, рече Арсовска. Таа посочи дека се посомневала дека Перински влијае на постапката за изборот на најдобар понудувач, откако, како што рече, со месеци за ништо не ја информирале ниту неа, ниту Градот Скопје, а ситуацијата кулминација достигнала, откако таа побарала промена на членовите на комисијата, но тоа не се случило. лв/ац/

Остани поврзан