• сабота, 14 септември 2024

Перински ги поздравува измените на Законот за локална самоуправа

Перински ги поздравува измените на Законот за локална самоуправа

Карбинци, 12 септември 2024 (МИА) – Ги поздравувам измените на Законот за локална самоуправа и се надевам дека ќе се случат, истакна денеска министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој во Општина Карбинци присуствуваше на доделување на камион за отпад од страна на Амбасадата на Швајцарија и УНДП.

Министерот за локална самоуправа Перински додаде дека овие измени треба да се случат, со цел за краток временски рок да не се спроведуваат предвремени Локални избори, бидејќи редовните избори се наредната година.

-Треба да размислуваме малку државнички и да кажеме доколку го одложиме овој процес до наредните редовни Локални избори, навистина можеме да заштедиме неколку милиони евра на граѓаните, вели Перински.

Посочи дека вториот аспект за пратениците во Собранието на Република Северна Македонија да ги донесат измените на Законот за локална самоуправа е што општините, каде што ќе се спроведат предвремени Локални избори ќе бидат дискриминирани по однос на јавниот повик за искористување на 100 милиони евра за инфраструктурни проекти.

- Вториот аспект е исто толку многу битен, затоа што јавниот повик за доделување на 100 милиони евра веќе е во тек. Доколку распишеме предвремени избори во овие локални самоуправи практично, тие локални самоуправи ќе бидат дискриминирани во процесот на реализација на капиталните инфраструктурни проекти, коишто би требало да ги финансираме ние како Влада, рече Перински.вдј/сст/

Фото: МИА

Остани поврзан