Пензионерите се во ризик, фондот е празен, предупреди Филипче
- Хаосот во пензискиот систем, нестабилноста на фондот и неизвесноста дали ќе има редовна исплата на пензии во следните месеци се резултат на лошите политики и лагите на Владата, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција посветена на економските и социјалните проблеми.
Скопје, 29 ноември 2025 (МИА) – Хаосот во пензискиот систем, нестабилноста на фондот и неизвесноста дали ќе има редовна исплата на пензии во следните месеци се резултат на лошите политики и лагите на Владата, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција посветена на економските и социјалните проблеми.
Сакам јасно да им порачам на пензионерите, нестабилноста на пензискиот фонд, која што во моментот е создадена за само година и пол владеење, неизвестноста дали ќе има зголемување на пензиите во следниот период, како и неизвестност дали воопшто ќе има исплата на редовни пензии во следните месеци е резултат на лошите политики, на лагите и манипулациите на премиерот и владата во моментот, истакна Филипче.
Тој предупреди дека пензискиот систем е доведен на работ на колапс.
-Долговите во фондот денеска изнесуваат една милијарда евра. За 2026 година ќе бидат потребни 62 милијарди денари за исплата на пензии, двојно повеќе од потребните средства во 2023 година, истакна Филипче.
Тој обвини дека повеќе од половина од средствата за пензии не доаѓаат од фондот, туку се субвенционираат од буџетот. Според него фондот ги нема парите и дека се поставува прашањето, каде се придонесите на работниците и каква е сигурноста за идните пензионери.
Филипче потсети дека во времето на СДСМ пензиите се усогласувале 50 проценти со инфлацијата и 50 отсто со растот на платите.
-Доколку се продолжеше со овој систем, над 92 проценти од пензионерите сега ќе добиеја поголемо зголемување од она што го носи Владата на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Филипче.
Тој ја нарече ситуацијата политичко лицемерие и манипулација и нагласи дека одржливоста на фондот е нарушена, а сметката е празна. Предупреди дека дополнително се должат 10 милијарди денари кон заостанати обврски и дека Владата мора да престане да се крие зад лаги и да понуди реални решенија
Филипче предупреди и за дискриминација кон пензионерите кои живеат во странство, најавувајќи нови тужби и трошоци за државата.
-Престанете да напаѓате и да се приплеткувате во сопствената кал. Хаосот се должи само на вашата неспособност и немањето грижа за граѓаните, порача претседателот на СДСМ.
Филипче, денеска остро ја критикуваше Владата и за, како што рече, хаосот во енергетскиот сектор и драматичниот пад на странските инвестиции. Според него, производството на електрична енергија е на историски најниско ниво.
-Енергетскиот биланс за 2025 предвидуваше 5.100 гигават-часови, а според извештаите на МЕПСО и МЕМО само до октомври се произведоа само 2.450, односно на неполни два месеци до крајот на годината неполни 50 проценти од планираното, истакна Филипче и предупреди дека ЕСМ работи како половина од хидроелектричниот потенцијал на земјата.
Тој обвини дека поради ниското производство, државата купувала струја по многу повисоки цени. Дека производството ако реално чинело 85-90 евра за мегават-час, Владата ја купила струјата за 140 евра. Според него потрошени се 62 милиони евра народни пари и дека тоа ќе доведе до поскапување на струјата.
-И што следува. Нормално, поскапување на струјата. На новиот тендер за следната година, цената на струјата што ја понудила ЕСМ на ЕВН за домаќинствата расте од 62 на 65 евра. Значи, има раст на цената на струјата, а растот на цената на струјата повлекува раст на сите други цени во државата, предупреди Филипче.
Во делот на инвестициите, Филипче посочи на драматичен пад и рече дека кога СДСМ бил на власт, странските директни инвестиции биле 800 милиони евра, а сега, за девет месеци биле околу 200 милиони.
Тој предупреди дека големи компании затвораат фабрики, а уште неколку, додаде, се подготвуваат за заминување. Порача дека бизнисот бара предвидливост и стабилност. бк/вј/
Фото:Принтскрин