• петок, 22 ноември 2024

Пендаровски: Сплотени кон стратешката цел - членство во ЕУ

Пендаровски: Сплотени кон стратешката цел - членство во ЕУ

Скопје, 8 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва од скопската општина Аеродром порача дека членството во Европската унија е единствената алтернатива за напредок на државата. 

Повика на сплотеност, без делби, за да се реализираат стратешките цели на државата, а едната од нив, како што рече, е членство во развиениот свет бидејќи се друго е враќање назад кон балканското минато кое е обременето со конфликти и омраза. 

- Првиот круг на претседателските избори на 24 април ќе биде клучен за да ја завериме победата на 8 мај затоа што тогаш ќе се оцрта силата и потенцијалот на оние граѓани кои сакаат државата да биде демократска и европска, истакна Пендаровски, додавајќи дека силата на оваа политичка структура расте, што, како што посочи, го покажуваат и анкетите.

Оваа политичка гарнитура, според Пендаровски, има план и визија како да ја внесе државата во Европската унија до 2030 година. 

Како два значајни момента за државата во изминатиот период ги посочи членството во НАТО и отворањето на преговорите со Европската унија. 

- И кога бевме на прагот да продолжиме со тој процес и да го завршиме во рекорден рок, значи четири-четири ипол години преговори, во тој момент ни се испречија двајца противници - нашиот источен сосед кој водејќи се од 19-вековната анахрона, антимакедонска и антиевропска политика, не блокираше, меѓутоа имавме и противници внатре. Најголемата опозициска партија, од за мене непознати мотиви реши да го блокира нашпиот европски пат. Не се согласија за најбаналната работа која можеше да се случи - покрај седум народи и делови од народи кои ги имаме во нашиот Устав, да додадеме уште шест други вклучувајќи ја и малата бугарска заедница. Сега благодарение на синергијата меѓу надворешните и внатрешните непријатели ние сме самоблокирани што значи изолација на долг рок доколку на 24 април не ја добиеме вашата поддршка за да продолжиме за час поскоро да бидеме полноправна членка на Унијата, рече Пендаровски. 

За апсењето на новинарот Фуркан Салиу, Пендаровски рече дека во една демократска држава која е членка на НАТО и која претендира да стане членка на Европската унија, не смее да се случуваат такви работи. 

- Не знам како ќе реши понатаму обвинителството и судот, не би сакал да судам пред нив, меѓутоа неверојатно грда слика е кога во една држава која мора да биде демократска, држава која преговара со Европската унија и држава која е членка на НАТО, да гледате како специјалци се нафрлаат врз новинар кој си ја врши својата работа. Има начин на приведување и ако ги почитуваат процедурите, такви сцени не треба да гледаме, рече Пендаровски.

Во однос на најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го испитува имотот на Пендаровски и дали тој се огрешил пред законот, Пендаровски праша како може политичар кој претендира да биде премиер да се меша во судската власт.

- Не можам да сфатам дали е кандидат за премиер или е кандидат за судија, за обвинител. Има три гранки на власта и секоја е независна од другата. Како може како политичар да најавува нечие апсење. На овие простори пред 35 години имаше еден политичар кој најавуваше апсење на политички противник и заврши во Хаг, рече Пендаровски.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски рече дека Пендаровски е граѓански кандидат, поддржан од граѓани, партии, здруженија.

- Стево не е претседател под контрола на партија, ниту нечија продолжена рака како што е Силјановска. Стево е кандидат на граѓаните, рече Ковачевски.

Додаде дека врвен развој може да се постигне единствено со влезот во ЕУ, која е гаранција за европски животен стандард.

- Јас ви ветувам дека заедно со мојот тим ќе работам ден и ноќ да ги исполнам ветувањата на мнозинството граѓани на Македонија, да живеат во европска Македонија, земја членка на ЕУ а не децата да им одат во туѓина за да живеат во туѓи држави, членки на ЕУ. Ден и ноќ за подобро образование, подобро здравство, подобро владеење на правото, за сузбивање на корупција, односно држава по европски стандарди како што ја сакаат и како што ја заслужуваат граѓаните, истакна Ковачевски на граѓанскиот собир во Аеродром.

Претходно, кандидатот за претседател на СДСМ имаше митинг и во скопската општина Кисела Вода. бт/бак/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан