• понеделник, 23 декември 2024

ПГ на ВМРО-ДПМНЕ на средба со студентите, поднеле измени на законот за студентски оброк по скратена постапка

ПГ на ВМРО-ДПМНЕ на средба со студентите, поднеле измени на законот за студентски оброк по скратена постапка

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска оствари средба со претставници на Универзитетското студентско собрание, кои до Собранието доставија барање за измени и дополнување на законот за студентски оброк, со кое бараат финансиските средства да им се исплаќаат на неделно ниво.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Александар Николовски упати повик до пратениците да дадат поддршка на оваа законска измена што ја бараат. 

- Универзитетското студентско собрание на УКИМ, по претходни консултации со Министерството за образование и наука и Клубот на младински пратеници, поднесе иницијатива за законски измени за субвенциониран студентски оброк. Како Универзитетско студентско собрание бараме измената да се однесува на средствата што се добиваат на дневно ниво, студентите да можат да ги искористат во текот на наредната недела – субвенционираниот студентски оброк да се исплаќа на неделно ниво. Со оваа законска измена, тоа барање би било исполнето, рече Николовски.  

Марија Петрушевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека нивната пратеничка група го поднела предлогот и дека на утрешната пленарна седница ќе побараат оваа точка да се најде како прва точка на дневен ред. 

- Законот ќе се најде на утрешната седница, меѓутоа она што забележавме е дека законот е ставен на 23 точка. Како пратеничка група ќе побараме оваа точка да биде приоритет бидејќи законот го поднесовме во скратена постапка, односно да се најде како прва точка на дневен ред заради тоа што ценам дека е исклучително важно да има консензус во врска со барањата на студентите. Нема потреба да се одолговлекува постапката. Ги повикуваме колегите од пратеничките групи да се приклучат кон ова барање и да го поддржат законот со цел да излеземе во пресрет на потребите и барањата на студентите, рече Петрушевска. фф/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан