• сабота, 17 август 2024

Патријаршиско сослужение на Имврос за сечесното Успение на Богородица

Патријаршиско сослужение на Имврос за сечесното Успение на Богородица

Дебар, 16 август 2024 (МИА) - Со благослов на Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со дел од братството и сестринството, неколку дена се наоѓа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Република
Турција, за да учествува во прославата на Успението на Пресветата Богородица.

Среде овој осветен остров, каде што милоста и благодатта на Мајката Божја ги прегрнуваат сите присутни, владиката Партениј и неговата монашка заедница ги воздигнуваат своите молитви кон милостивата Мајка за заштита и духовно укрепување на целиот македонски народ и на сиот род христијански.

-Нашето монашко поклонение започна во вторникот, на 13 август, кога на островското пристаниште бевме пресретнати и прегрнати од широката душа и од срдечната љубов на домаќинот, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил. Попладнето истиот ден, во топлата прегратка на древниот Имврос, каде што и природата, и многуте храмови и параклиси говорат дека ова некогаш било средиште на ромејската душа, но и место, каде што денес минатото и сегашноста се сплотуваат, изразувајќи непосрамлива надеж во светлата иднина, среде овој многустрадален, но силен народ кој живее за да го сочува возвишениот ромејски дух, таму, пред самиот залез на Сонцето, во малиот храм на Пресвета Богородица Баломени, сместен во преполната со живот пустина на островот крај морето, се изврши Молебниот канон во чест на заштитничката на Имврос, Пресветата Богомајка, на кој претстоеше нашиот Старец, Апископот Антаниски г. Партениј, а свештенослужеше нашиот собрат, архимандритот на Вселенскиот Престол Анатолиј, заедно со имвроски свештенослижители собрани околу својот Митрополит г. Кирил, рече за МИА, сестра Ефимија.

Следното, пак, утро, во селото Агридија, во храмот посветен на Благовештението на Пресветата Богородица, монасите зедоа учество на Божествената Литургија, по чиешто завршување се упатија кон имвроското пристаниште.

-Таму беше организиран свечен пречек за таткото на Православието, Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој огромната радост заради посетата на своето родно место, ја сподели со многубројните присутни, поздравувајќи ги и татковски благословувајќи ги. Веднаш
потоа, Светејшиот Патријарх беше пречекан во сечесниот Митрополитски храм, каде што ги облагороди присутните со своето топло и присно обраќање, додаде сестрата. Патријархот пред бројните присутни посебно и со благодарност го поздравил присуството на епископот
Партениј и неговата монашка заедница, истакнувајќи дека „Неговото Богољубие Светиот Антаниски и многуте негови придружници, во празничните денови нè благословуваат, ни ја пренесуваат љубовта и почитта од еден друг православен народ, чијашто ориентација се заснова на древната Охридска Архиепископија“.

Патријархот ја искажал и својата надеж дека "Охридската Архиепископијата ќе се движи во рамките на канонскиот поредок, како би дошол моментот да го добиете своето канонско признавање на автокефалноста".

Во одговор на срдечниот поздрав, владиката Партениј ги сподели со Патријархот своите лични впечатоци уште од првите мигови кога слушнал за неговиот избор за Вселенски Патријарх: „Во времето кога како млад искушеник престојував на Света Гора Атонска, за прв пат слушнав дека за Вселенски Патријарх е избран Светејшиот Константинополски г. г. Вартоломеј. Тогаш во моето срце почувствував голема духовна радост, нешто внатре во мене како да ми зборуваше дека мојот духовен живот ќе биде поврзан со овој Сесвет и голем Патријарх. Имено, знаев дека за нас во Црквата, најважно од сè е да сме заедно во Светата Евхаристија, заедно во Христа, да се обожуваме и да се соединуваме едни со други“. Епископот Партениј ја истакна исто така и заслугата на Сесветиот Патријарх кој нè воведе во заедницата на
православните Цркви, искажувајќи ја својата надеж дека за скоро време ќе бидат надминати сите проблеми и дека накрај ќе го добиеме очекуваниот Томос за автокефалност од Мајката Црква во Константинопол. Тој му ги пренесе на Светејшиот поздравите од нашиот почитуван пименарх, Митрополитот г. Тимотеј.

Во навечерието, пак, на празникот Успение на Пресвета Богородица, во храмот посветен на Нејзиното славно име во Агридија, нагласува сестра Ефимија, се одржа празнична вечерна богослужба, на која претстоеше Епископот Партениј, додека сослужуваше архимандритот на
Вселенскиот Престол Кирил, заедно со свештенослужителите од Бигорскиот манастир и од Имврос. Домаќинот на прославата, Митрополит г. Кирил на крајот од Вечерната, сесрдно му се заблагодари на нашиот Старец за неговото доаѓање тука.

-Преосвештен, свет и возљубен Антаниски, Ви благодариме што го разубавивте сеимвроското празнување на нашата Пресвета Богородица, во нашата прекрасна, историска Агридија. Ви благодариме што се потрудивте сред лето да тргнете од Охрид, од Северна Македонија и да дојдете овде на крајот од Егејот и заедно со нашиот Вселенски Патријарх и со сите нас да го сопрославите празникот на нашата Богородица. Ви благодариме Вам и на Башата чесна синодија и ви посакуваме, Ваше Богољубие, Царицата Богородица да ги благословува делата на Вашите раце, да ги поткрепува Вашите свештени манастири, Вашите светињи и да го зголемува драгоценото духовно дело што го вршите во државата Северна Македонија, рекол Митрополит г. Кирил.

Веднаш потоа кон Светиот Имвроски и кон присутниот народ се обрати и Епископот Антаниски г. Партениј, пренесувајќи ги благословите и поздравите на нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј:

-Вие, Свет Имвроски, со сета Ваша грижа, борба и жртва, докажувате дека Имврос е жив споменик на светлината што ја пренесуваат поколенијата, светлина којашто никогаш не згаснува, туку сјае со вечна надеж и со обновувачка сила", истакна владиката Партениј, кој исто така додаде: "Вистинуваат зборовите на нашиот свет Блаженејши Архиепископ г. Стефан, изговорени по примањето на Синодалниот Акт за востановување на канонското единство од рацете на Сесветиот Патријарх дека „има една очигледна вистина – ако сакаме да ја видиме историјата на Охридската Архиепископија, не може да ја гледаме без присуството на Вселенската Патријаршија. Многу од наследството на
Охридската Архиепископија е поврзано со центарот – и во црковната уметност, и во градителството и во богослужбената традиција. Сè што ќе се сотворело, во својот голем и пораскошен облик, во Константинопол, се појавувало, во својот помал и поскромен облик, и во Охрид,
рекол во обраќањето владиката Партениј.

Додал дека „Оваа синергија историски имала свои славни и добри, но и лоши и неповолни моменти, но она што сакаме да го нагласиме е дека Мајката Црква во Константинопол секогаш знаела, а и денес знае, љубовно да го најде патот до срцата на онеправдените, обременетите, страдалните, изнемоштените од неприликите на времето и на историјата...“

-И токму од прославениот и светителороден Охрид, местото каде што таа историска синергија продолжува да живее, Ви ги пренесуваме со радост, Високопреосвештен владико, поздравите, молитвите и благопожелбите на нашиот сакан и свет Митрополит Дебарско-кичевски г.
Тимотеј. Неколку дена пред да дојдеме овде, го посетивме Високопресвештениот во неговата Света Митрополија од Охрид, каде што го примивме неговиот благослов да допатуваме од нашите манастири дотука, посебно истакнал владиката Партениј.

Според сестра Ефимија, на самиот ден на светлиот празник на Успението на Пресвета Богородица (според реформираниот јулијански календар), во нејзиниот свештен и сечесен храм во Агридија, „се одржа величествена и историска Света Литургија, која останува запишана со златни букви во нашите срца и спомени“. Со оваа благодатна Евхаристија чиноначалствувал Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кому му сослужуваа: Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, Митрополитот на Мосхонисија г. Кирил, Митрополитот на Мира г. Хризостом, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, како и архимандритите Кирил и Анатолиј, заедно со чредниот свештеник на храмот, отец Хрисант. Оваа свештена Литургија ги собра на едно место благочестивите верници, монасите и монахињите, кои со длабока почит го прославија сечесниот спомен на Мајката Божја, доживувајќи ја нејзината мајчинска закрила како сијание на љубов, радост и мир. По завршувањето на Светата Литургија, на плоштадот во Агридија се одржа прекрасна културно-уметничка програма, исполнета со традиционална музика и песни, изведена од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, во придружба на неколку други професионални музичари од Скопје.

-Нивниот настап го најави домаќинот и организатор на целата свеченост, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој јавно му се заблагодари на нашиот Старец, Епископот г. Партениј, за неговиот труд да ги донесе на Имврос своите монаси, монахињи и духовни чеда и да го овозможи овој преубав настан. Мелодиите и ората на младите уметници од кај нас, проникнати со длабока љубов кон нашата музичка традиција, одекнуваа низ плоштадот, носејќи духовно веселие на сите присутни, посочи сестра Ефимија.

Сесветиот Патријарх г. г. Вартоломеј, со видливо воодушевување и радост, го благословил настапот, пофалувајќи ги младите изведувачи и нивната посветеност кон зачувувањето на богатото културно наследство. вт/вг/


Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан