• сабота, 11 мај 2024

Парижаните гласаа за тројно поголеми трошоци за паркирање спортски теренци

Парижаните гласаа за тројно поголеми трошоци за паркирање спортски теренци

Париз, 5 февруари 2024 (МИА) - Граѓаните на Париз гласаа за тројно зголемување на трошоците за паркирање спортски теренски возила. На вчерашниот референдум, којшто будно го следеа и другите европски метрополи, 54,6 отсто од излезените парижани гласаа за посебни давачки за теренците.

Сепак, одѕивот од околу 5,7 отсто од регистрираните гласачи во градот бил помал отколку што се надеваа зелените активисти.

-Парижаните направија јасен избор... Ќе следат и други градови, рече градоначалничката на Париз, Ан Идалго, додавајќи дека безбедноста на патиштата и загадувањето на воздухот се клучни причини за исходот.

Новите цени за паркирање би можеле да стапат во сила на почетокот на септември. Цената на паркирањето на улица за теренци ќе се зголеми на 18 евра на час во центарот на Париз и 12 евра на час во остатнатиот дел од градот. Цените ќе важат за возила со тежина над 1,6 тони со мотор со внатрешно согорување или хибридни возила и за електрични возила со над два тона.

Тони Ренучи, предводник на кампањата за подобар квалитет на воздухот, рече дека резултатот од гласањето е победа за квалитетот на животот на граѓаните на француската престолнина.

Емануел Грегоар, заменик-градоначалник на Париз, на „Х“ објави: „Потешки, поопасни, позагадувачки... Теренците се еколошка катастрофа“.

Градот Париз лани одржа слично гласање за тоа дали да ги забрани изнајмените електрични скутери и следователно стана првиот европски главен град што го стори тоа. Одѕивот за тоа гласање беше 103 илјади луѓе - околу седум отсто од регистрираните гласачи.

Заменик-градоначалникот на Париз задолжен за транспорт, Дејвид Белијард од Партијата на зелените рече дека околу 10 отсто од возилата во Париз ќе бидат погодени од поскапиот за паркинг. А, тоа пак, може да му донесе на градот до 35 милиони евра годишно.

Лоби-групата за возачи „40 милиони автомобилисти“ тврдеше дека дека потегот за покачување на цените за паркирање е неоправдан и дека е дело на „ултра-урбаното и антиавтомобилско малцинство“ и оти возачите треба да бидат слободни да бираат кое било возило да го користат.  си/мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан