• сабота, 23 ноември 2024

Панел дискусија за градење отпорност преку ефективно планирање на континуитетот на бизнисот

Панел дискусија за градење отпорност преку ефективно планирање на континуитетот на бизнисот

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) – Компаниите да станат поотпорни и да се поприспособени за какви било кризи е целта на панел дискусијата „Градење отпорност преку ефективно планирање на континуитетот на бизнисот“ што денеска се одржува во Стопанската комора во коорганизација со УНДП.

-Првиот чекор што го препорачуваме за компаниите е да направат проценка за ризикот и откако ќе го направат тоа да изработат различни сценарија и врз основа на процената на ризикот и на сценаријата да се подготват преку вежби како би постапиле во кризна ситуација и да ги согледаат сите сценарија, изјави постојаниот претставник на УНДП во земјава  Армен Григорјан пред почетокот на панел дискусијата. 

Како што кажа, сеопфатната цел на вежбата е компаниите да се направат поотпорни во состојби на криза и тоа во услови на брзо настапувачки кризи како што се пожари, земјотреси, експлозии и бавни кризи какви што се климатските промени.

Тој посочи дека УНДП имаат долгогодишни искуства во оваа сфера, особено во поглед на неодамнешната криза со Ковид-19 во која, како што рече, УНДП понуди програмска опција.

-Понудата се модифицираше според околностите во секој поединечен контекст во кој работи УНДП. Во Украина има еден вид понуда, во Газа друг. Во Северна Македонија тој контекст е сосема поразличен и нашата понуда ќе биде модифицирана според потребите на земјата, рече Григорјан.

Порача дека за земјава како крстосница север – југ и исток - запад и транзитен центар најважно ќе биде да се одржи синџирот на снабдување и диверзификацијата во снабдувањето.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, пак, истакна дека денеска ќе се разговара за стратегија за постапување во вонредни ситуации и за справување со нив на поинаков начин, превенирајќи ги и доведувајќи ги компаниите во подобра позиција, нешто што, потенцира, можеби го сметаме за маргинално, но во денешни услови станува се позначајно.

-Мислам дека тоа е најдобриот начин за заштита. Скопје во 1963 година доживеа земјотрес со кој се сруши целата економија и згаснаа огромен број животи како капитал ненадоместлив за бизнисот. Со панел дискусијата УНДП  и целата меѓународна заедница покажа дека знаат точно да ги лоцираат темите кои што можеби нас ни изгледаат нелогични, но имаат свој придонес  за нашето работење, рече Азески.

Нагласи дека Стопанската комора како комора на иднината отвора нови теми, нови алатки кои се во интерес и во функција на компаниите.

-Една од нив е и оваа да се подготвени за каква било ситуација за штетите од неа да бидат што помали, посочи Азески.      

Панел дискусијата е наменета да биде платформа за споделување идеи и искуства помеѓу индустриските лидери и чинители, каде ќе може да слушнат најдобрите практики и стратегии што се користат за градење отпорност и континуитет во бизнисот. Идејата за нејзиното одржување, како што велат од Комората, дојде од одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. вј/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан