• сабота, 21 декември 2024

Пандемијата затвори 43 авиокомпании, следува нов бран банкроти

Пандемијата затвори 43 авиокомпании, следува нов бран банкроти
Лондон, 9 октомври 2020 (МИА) – Работата на авиокомпаниите е под притисок веќе неколку години, но пандемијата на коронавирусот годинава предизвика дополнителен товар. Иако силната државна финансиска поддршка спречи да банкротираат некои од најголемите авиокомпании во светот, како што е германската „Луфтханза“, во наредните месеци може да се очекува бран банкроти во овој сектор, истакнуваат аналитичарите за воздушен транспорт за Си-Ен-Би-Си. Податоците на компанијата за обработка на податоци Цириум покажуваат дека од јануари годинава, 43 комерцијални авиокомпании прогласиле банкрот. За споредба, минатата година банкротирале 46, а во 2018 година-56. Поголемите авиопревозници потешко преживуваат. Имено, од 43 банкротирани, 20 имале повеќе од 10 авиони во својата флота, додека минатата година пропаднаа 12 такви компании, а во 2018 година – 10. Меѓународната асоцијација за воздушен превоз (ИАТА) неделава објави дека превозниците ќе изгубат 77 милијарди долари во втората половина на годината, а во 2021 година ќе губат меѓу пет и шест милијарди долари месечно. Доказ за лошата ситуација во оваа индустрија е и веста дека британскиот нискобуџетен авиопревозник изиЏет (EasyJet) вчера предупреди дека годинава може да ја забележи својата прва загуба од основањето во 1995 година. Компанијата очекува минус до 1,1 милијарда долари. Поради ограничувањата на патувањата поради коронавирусот, изиЏет има ангажирано само 25 проценти од својот капацитет. За да ја преживее пандемијата, компанијата досега има земено 600 милиони фунти државна помош, отпушти 4.500 вработени, собра 608 милиони фунти од продажбата на авионите и доби 419 милиони фунти за докапитализација од акционерите. јт/

Остани поврзан