• вторник, 05 ноември 2024

Пад на вредноста на општинските тендери во 2022 година за една третина

Пад на вредноста на општинските тендери во 2022 година за една третина

Скопје, 22 август 2023 (МИА) - Центарот за граѓански комуникации денеска ја објави Базата на податоци на тендерите на општините во 2022 година, според која 80-те општини и Градот Скопје вкупно склучиле 3.508 договори за јавни набавки во вредност од 7,3 милијарди денари, односно 118 милиони евра.

Како што соопштија од Центарот за граѓански комуникации, вредноста на јавните набавки на 80-те општини и Градот Скопје минатата година е намалена за една третина, односно за 65 милиони евра во однос на 2021 година.

Кон овој пад најмногу придонесува големото намалување на вредноста на јавните набавки на Град Скопје, чии набавки во 2022 година се намалени за дури 68 проценти, односно за 31 милион евра во однос на 2021 година.

Намалувањето на вредноста на јавните набавки значи дека помал дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните.

-Единиците на локална самоуправа склучиле договори со 1.184 фирми, но четвртина од вкупната вредност на тендерите им припаднала само на осум фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е снабдувачот со електрична енергија ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје, со вредност на договорите од 614 милиони денари, односно околу 10 милиони евра. Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за последните осум години (2015-2022), се вели во соопштението на Центарот за граѓански комуникации.

Базата и истражувањето се изработени во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.бт/лв/

Фото/ Принтскрин

Остани поврзан