• недела, 07 јули 2024

Дигитализацијата на судството неизоставен дел од процесот на трансформација на современото општество, порака од Самитот во Охрид

Дигитализацијата на судството неизоставен дел од процесот на трансформација на современото општество, порака од Самитот во Охрид

Охрид, 31 октомври 2023 (МИА) – Повеќе од 200 учесници – судии, обвинители, адвокати, претставници на ИТ компании, на државните органи и институции, со присуство на гости од 32 држави на Европа и пошироко, учествуваат во работата на Вториот Глобален самит за дигитализација на судството што овие три дена ќе се одржува во Охрид.

Како што беше посочено на отворањето на Самитот, дигиталната трансформација ги интегрира технологиите во насока како процес да ги искористи можностите што ги носи новото време. Сето тоа има импакт врз правосудството и овозможува негово зајакнување, што е иманентно поврзано со очекувањата на ЕУ, но и исполнувањето на препораките од поглавјето 23 од процесот на усогласување на законодавството за членство во Унијата.

Свое обраќање пред учесниците на собирот преку видео-порака имаше вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој меѓу другото посочи дека со првите судници опремени за водење процеси на далечина се создадени услови за дигитална комуникација на сите учесници во судските спорови.

-  Тоа беа првите чекори напред кон забрзување на процесот на дигитализација на судството, обезбедувајќи поголема ефикасност и атрактивност на праводусниот систем, како и заштеда на време и пари. Оваа Влада останува цврсто на ставот дека дигитализацијата на судството и употребата на вештачка интелигенција во судскиот систем не е веќе прашање на избор туку неминовност, рече Маричиќ.

Тој нагласи дека судските реформи во крајна линија се во полза на граѓаните, оттаму како најзначајна во тој процес ја посочи посветеноста на сите линители во правосудниот систем.

-   Нашата крајна цел е враќање на довербата на граѓаните во судството и побрзо исполнување на стандардите и критериумите на најважниот и најкомплексниот кластер во преговорите со ЕУ – оној за темелните вредности, рече вицепремиерот Маричиќ.

Судијата Лазар Нанев од своја страна посочи дека на Самитот ќе биде укажано на конкретни компаративни примери на дигитална трансформација, промени на процесите со развој на нови модели во постапките, но истовремено и на зголемување на сите оние процеси кои истовремено имаат за цел да ги унапредат новите современи дигитални решенија.

-  Прашањата за добрите практики од регионот и севкупно процесот на дигитализацијата неминовно ја тангираат целокупната општествен заедница и денес не може да се замисли ниту еден процес без користење на современите дигитални алатки, а правосудството како сегмент на општественото живеење директно е порвзано со тие процеси. Современите текови во дигитализацијата на правосудството се повеќе ќе зазема широк простор, и во таа насока правосудниот систем во земјата воспоставува нов поглед, нова култура и начин на живеење...Токму правосудниот систем е двигателот на процесите на дигитализација, дигитизација и дигитална трансформација на општеството...Ние сме подготвени, имаме визија, желба, сакаме да ги постигнеме и оствариме најдобрите ефекти на знаењата, моќта што современите ИТ алатки ги нудат, рече Нанев. 

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, оцени дека добрите практики во процесот на дигитализација на праводните системи можат да придонесат во развој на националното правосудство, секако и во делот што се однесува на дигитализацијата и во Судскиот совет како интегрален дел од тој систем.

-  Дигитализацијата значи многу во новото време во судството, во Обвинителството нормално, во делот на ефикасноста на судството, ажурирањето на процесите на постапките и сметам дека сме на добар чекор, веќе практикуваме добар дел од работата во делот на дигитализација. Сметам дека во иднина треба да се придонесе, да се зголеми, да се усоврши таа дигитализација, и со тоа очекуваме подобри видливи резултати.

Бавниот процес на дигитализација во реформскиот процес во сферата тој ја гледа подеднакво и во недостигот од соодветен кадар, но и во недоволно средства.  

- Тоа е нов систем каде што е потребно нормално материјални средства  од една страна, потребна е и обука за судиите, секако и за воопшто странките во постапките, а воедно треба и нормално да се сето тоа со една едукација да се забрзаат сите овие процедури за развој на дигитализацијата, рече тој.

Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ, посочи дека дигитализацијата во едно општество може да се случи кога Владата ќе ги дигитализира своите услуги, не само во сите  во целиот јавен сектор и во сите други јавни услуги, туку и во правосудниот сектор.

-  Дигитализацијата до сега се има случено. Од страна на Владата и Министерството за правда се донесени многу стратегии поврзани со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со донеации од странство, како и од Мисијата на ОБСЕ и од Американската амбасада. АКМИС-от веќе е во употреба. Сега во моментот имаме и во Јавното обвинителство електронски запис на одредени списи, така да и поврзувањето, комуникацијата и пренесување на информациите од судството во обвинителството за да може да ги разменуваат како во доказната постапка, одредени информации веќе е во прва фаза да започне и се надеваме дека ќе заврши, рече таа.

На Глобалниот самит ќе се разменат најдобрите искуства, најдобрите практики, знаења за се она што во моментов е тренд во креирањето и имплементацијата на дигитализацијата, но и практичната примена на новите платформи што ги нуди вештачката интелигенција која веќе има свој удел во водењето и донесувањето одлуки кај пониските, полесните постапки во областа на прекршоците и управните предмети. аб/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан