• петок, 22 ноември 2024

Официјален пречек на Фон дер Лајен пред Владата

Официјален пречек на Фон дер Лајен пред Владата
Скопје, 26 октомври 2022 (МИА) - Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски попладнево, на платото пред Владата, со највисоки почести ја пречека претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. На официјалниот пречек присуствуваа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, првиот вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за економија Крешник Бектеши. Фон дер Лајен е придружувана од еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, а на Меѓународниот аеродром Скопје беше пречакана од вицепремиерот Маричиќ. По завршувањето на церемонијата за пречек на која беше интонирана македонската химна, двете делегации ќе продолжат на тет-а-тет и билатерални средби. Потоа, според агендата, следува потпишување договор помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за Европската гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија. По потпишувањето на договорот во Свечената сала на Владата, премиерот Ковачевски и Фон дер Лејен треба да одржат заедничка прес-конференција. Фон дер Лејен вечерва се очекува да има средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски. Со посетата на земјава, Фон дер Лајен ја почнува турнејата низ Западен Балкан која ќе трае до  29 октомври. Главната порака која се очекува да ја пренесе претседателката на Европската Комисија е посветеноста на ЕУ за европската интеграција на регионот.  Како што информираат од Делегацијата на ЕК во Скопје, Фон дер Лејен ќе ја претстави дополнителната поддршка што ЕУ ќе и ја даде на Северна Македонија и на регионот за да помогне во ублажувањето на актуелната енергетска криза. мч/ки/

Остани поврзан