• недела, 14 јули 2024

Отворен 23. CINEDAYS Фестивал на европски филм

Отворен 23. CINEDAYS Фестивал на европски филм

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket и со концерт на Ефтеркланг: Македониум, синоќа беше отворен 23-от Меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS. 

Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички  перформанс пред споменикот „Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност, соопшти МКЦ.  

Премиерата на филмот, се одржа на 23 март 2024 во рамките на „CPH:DOX” и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” во кој членуваат 22 македонски музичари.

Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот Ефтеркланг, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски. 

Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура на РСМакедонија со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и „Culture Moves Europe” програмата на Европска унија. са/дма/

Фото: МКЦ

Остани поврзан