• вторник, 05 ноември 2024

Отворен 21 Меѓународен Стрип салон „Велес 2024“

Отворен 21 Меѓународен Стрип салон „Велес 2024“

Велес, 22 август 2024 (МИА) - Првата награда „Златен стрип“ за 2024 и парична награда од 300 евра„ меѓу 351 автор од 17 земји, по распишаниот стрип конкурс ја доби стрипот „РЕВОЛВЕР“ на младите македонски стрип автори Војдан Андонов (сценарио) и Цанко Стефанов (цртеж).

Наградата им беше врачена синоќа во просториите на Европската куќа на млади во Велес на свеченото отворање на 21. Меѓународниот Стрип салон „Велес 2024“, што го организира Стрип центарот на Македонија - Велес во соработка со Општина Велес.

По цели  17 години оваа висока награда на Меѓународниот стрип салон „Велес“ повторно  ја добиваат македонски стрип автори, Златен стрип во 2007 година доби македонскиот стрип автор Игор Јовчевски, а во годините потоа добитници беа стрип автори од странство.

Од СЦМ - Велес се среќни што наградата годинава по 17 години ја добија млади македонски стрип автори што, според нив, е само потврда дека македонскиот стрип има врвни стрип автори кои можат да се мерат и се рамо до рамо со светски познатите стрип автори. Тоа, велат, е потврда дека македонската стрип сцена има иднина со се повеќе млади стрип автори во основните средни училишта и на факултетите.

Втората награда „Сребрен стрип“ ја доби стрипот „ВЕРА И НЕВЕРА“  на авторите: Марко Стојановиќ (Сценарио), Милан Јовановиќ и Дражен Ковачевиќ (поставки), Владимир Алексич (цртеж) и Аљоша Томиќ (колор) - Србија, а третата награда „Бронзен стрип“ ја доби стрипот „КОЦКАЊЕ СО ЖИВОТ“ на авторите Никола Видачковиќ (сценарио) и Драган Павасовиќ (цртеж) Србија.

Наградата најдобар стрип од македонски автори ја доби „СИ БЕШЕ ЕДНАШ ЕДЕН ЧОВЕК“ на авторите: Александар Стеванов (сценарио) и Дарко Богданов (цртеж).

Награда за најдобро сценарио АНАЛИЗА НА СМРТТА“ ја доби Марко Стојановиќ, Србија, додека наградата за најдобара уметнички израз и припадна на “STARGAZER 256” Даша Конопатова, Русија.

Наградата најмлад учесник за стрипот „Момчето и змејот“ ја доби пет ипол годишниот Марко Купенков од Скопје, а за најдобар дебитантски стрип „Никогаш не се откажувај“ Сандра Костовска од Скопје.

Во категоријата ученици од основно училиште  Најдобар стрип од Македонија „Какво коло наоколу!“ Теона Марковска од Тетово, а од средните училишта Најдбар стрип од Македонија  Теодора Христова од Битола.

Најдобар стрип надвор од Македонија ја доби Вук Стојановиќ од Србија и Огњен Стојановиќ, исто така, од Србија. Пофалница доби Вилма Дамњановска.

Признанија за соработка добија „ПАРАГОНС КОМИКС од Скопје, ЛШС „Никола Митровиќ Кокан“ од Лесковац, Здружение „ХРВАТСКИ АВТОРИ СТРИП“ од Загреб, Школа за стрип и илустрации од Будва и Школа за стрип и илустрации од Тиват.

Во рамките на Меѓународниот стрип салон во Куќата на Касапови или Куќата на уметноста во стариот дел на Велес денеска започа со работа традиционалната 6-та по ред Стрип Колонија на која учествуваа 10-тина млади, како и реномирани стрип автори од земјава од Грција и Србија. Тие ќе творат свои стрипови се до недела.

Во рамките на Стрип колонијата во сабота во 16 часот во Куќата на Касапови  проф д-р Бошко Караџов ќе се одржи и стрип работилница на која може да присуствуваат сите љубители на стрип уметноста. ад/сст/

фото МИА

 

.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан