• петок, 22 ноември 2024

Отворен ден во велешкото економско училиште „Јовче Тесличков“

Отворен ден во велешкото економско  училиште „Јовче Тесличков“

Велес, 30 мај 2024 (МИА) – Деветоодделенците од Велес и поширокиот регион денеска на Отворениот ден на штандови на економското училиште „Јовче Тесличков“ се запознаа со насоките на ова училиште.

Директорот и наставниот кадар ги запознаа учениците и со стручните кабинети за изведување на наставата. На крајот деветоодделенците кои го посетија економското училиште имаа и забавно-едукативни и натпреварувачки игри, на кои можеа да си ги проверат своите знаења.

На посебни штандови беа претставени и фирмите кои се партнери на училиштето за дуалните паралелки, а каде освен настава учениците имаат и пракса.

Како едно од најстарите и најреномирани во земјава со 63 годишна традиција покрај класичната насока за економски техничар и бизнис администратор веќе две учебни години успешно ја реализира насоката за Е-трговија и дигитален маркетинг за која има сè поголем интерес кај учениците.

Како што информира за МИА, Васко Трајковски директор на училиштето, во оваа насока има поврзување на економијата со маркетингот и дигиталниот маркетинг кој е сè повеќе атрактивен и баран како занимање и по завршувањето завршените ученици самите можат да си го креираат своето работно време и можат да одлучат дали ќе работат за себе или друг.

Трајковски потенцира дека многу е важно што во училиштето има и дуални паралелки каде покрај теоретската настава има и пракса а воедно и учениците од МОН добиваат и месечна стипендија од 3500 денари. Така учениците од насоките економски техничар и бизнис администратор во втора, трета и четврта година имаат пракса во: Центарот за социјална работа, Здравствен дом, „Уника“ осигурување, „Маркард“, „Левков сметководствено биро“ и Друштво за осигурување и консултантски услуги „Конто консалтинг“ Велес.

Во училиштето има и две насоки со тригодишно школување тоа се: асистент деловен администратор и продавач кои исто така се дуални паралелки а имаат и практична настава која ја реализираат кај работодавецот во реномираните „ЖИТО маркети“. Воедно по тригодишното школување можат да продолжат со школување во струките со четири годишно школување и да добијат и уште една диплома и со тоа добиваат и поголема можност да добијат работа.

Како што информира за МИА, ученичката Теа Стојанова од насоката бизнис администратор кој е дел од дуалната паралелка во која има два профила „економски техничар“ и „бизнис администратор“ таа оценува дека освен теорија за која имаат одлични професори едукатори имаат и одлична практична настава кај работодавци со кои соработуваат со училиштето, а кои воедно по завршувањето на школувањето им нудат и работа. ад/ир


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан