• среда, 27 ноември 2024

Отворање на изложбата „19“ на Христина Зафировска

Отворање на изложбата „19“ на Христина Зафировска
Скопје, 16 јули 2021 (МИА) - Во организација на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, денеска во 13 часот, во галерискиот простор ќе биде отворена изложбата  „19“ на Христина Зафировска. Преку својот најнов циклус од 19 дела, авторката на апстрактен и сликовит начин ни го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. - Целиот серијал од 19 епизоди кои се тесно поврзани меѓу себе го интерпретираат биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување. Изолацијата, сведувањето на комуникацијата на минимум и системските промени земаа крупни моменти од животот на луѓето, а посебно на младината, вели Билјана Галоска, кураторка на проектот. Христина Зафировска дипломирала на Факултетот за ликовна уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Од 2009 е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Таа е една од основачите на уметничката група и уметничкиот простор „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“ во Скопје, основано 2009 година, исто така е меѓу основачите и член на уметничката група „МОМИ“ која во 2012 година почна со активна реализација на проекти низ земјава и Балканот. Зафировска работи во областите сликарство, графички дизајн, мозаик, ѕидно сликарство, инсталација, сценографија, цртеж, фотографија и видео. ар/хс/    

Остани поврзан