• понеделник, 23 декември 2024

Отворање на изложбата „Регенерација“

Отворање на изложбата „Регенерација“

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вечер ќе биде отворена ликовната изложба „Регенерација“ на Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска, која ќе може да се посети до  30 октомври.

Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од КОВИД-пандемијата. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности - сопствената трансформација, емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење. Го преиспитуваат и сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.

-Делата на Ивановска се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). Низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, придонесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите кои забораваме да ги забележуваме и создавање нова перцепција за нашето опкружување. Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Во делата комбинира повеќе начини на изразност - објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плошни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот. Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“, се наведува во најавата. мч/хс/

 

 

Остани поврзан