• вторник, 05 ноември 2024

Осомничениот за убиство на македонскиот државјанин во Сончев Брег останува во притвор

Осомничениот за убиство на македонскиот државјанин во Сончев Брег останува во притвор

Софија, 29 април 2023 (МИА) - Окружниот суд во Бургас денеска му одреди притвор на 14-годишниот М.А., кој е обвинет за убиство на 49-годишен македонски државјанин во Сончев Брег, јави Бугарското национално радио. 

Бугарското Јавно обвинителство го товари малолетникот дека делото убиство го сторил со умисла, додека пак според неговиот адвокат, се работи за самоодбрана. 

На денешното судско рочиште Обвинителство достави и пријава од полицијата во Несебар дека против осомничениот се води истрага и за друго кривично дело.

- Станува збор за лице веќе познато на полицијата, кое на 5 февруари годинава бил спречен во обидот за ограбување на украински државјанин во Сончев Брег, кого го нападнал со цевка. Ова не му е прв обид да нападне некого, изјави обвинителот Иван Кирков. 

Според него, постојат докази кои укажуваат дека осомничениот го извршил убиството со умисла. Кирков истакна дека малолетникот откако ја удрил жртвата, без да провери дали македонскиот државјанин е жив, го покрил со „остатоци од душеци и неколку даски“ и си заминал.

Обвинителот посочи и дека има докази оти од жртвата биле одземени пари, кои осомничениот ги искористил за да врати позајмица земена од заложна куќа во Сончев Брег.

На распитот мајката на осомничениот изјави дека во неговата чанта пронашла 1.400 лева, за кои тој и рекол дека му ги дал „пијан турист зад некој ресторан“. Ваквиот исказ го потврди и братот на осомничениот малолетник.

Неговиот адвокат, Радостин Пенев, пак, побара осомничениот да биде ослободен од притвор, наведувајќи дека тој соработувал со полицијата, како и дека „убиството било извршено во самоодбрана“. 

- Замислете 14-годишно дете кое било цел на 50-годишен маж, кој три часа го напивал со алкохол, со три литри пиво. Потоа го однел во шума, му понудил 50 лева и се обидел да го силува. Педесетгодишниот маж го удрил мојот клиент по глава кога се обидел да побегне, изјави адвокатот.

Пенев рече и дека нема докази оти осомничениот се обидел да го сокрие телото, додавајќи дека тоа можело да го направи и некој друг. 

- Телото е откриено неколку дена подоцна, а во околината се движат нарко зависници, додаде адвокатот. 

Пред Судот, осомничениот малолетник изјави дека му е жал за стореното.

Осомничениот М.А. од Несебар беше приведен вчера под сомнеж за убиство на македонскиот државјанин И.Н. (49) во Сончев Брег. Телото на жртвата било откриено во четвртокот во шумски реон до местото Бачата. При увидот е утврдено дека жртвата која со стап била претепана до смрт, е 49-годишен македонски државјанин, кој влегол во Бугарија преку граничниот премин Ѓуешево на 24 јануари годинава.

Случајот со пронајденото тело на македонскиот државјанин вчера го потврди и МНР, посочувајќи дека нашата Амбасада продолжува да биде во редовна комуникација со надлежните органи во Бугарија, од кои се очекуваат повеќе информации во врска со настанот и за текот на постапката за негово целосно расчистување.

- Воедно Амбасадата останува на располагање на семејството на починатиот граѓанин за евентуални потреби, наведоа од МНР. сп/

Фото: Принт скрин

Остани поврзан