• понеделник, 09 септември 2024

Ослободените руски политички затвореници би сакале да се вратат во Русија за да продолжат со активизмот

Ослободените руски политички затвореници би сакале да се вратат во Русија за да продолжат со активизмот

Берлин, 4 август 2024 (МИА) - Двајца руски дисиденти кои беа ослободени од затвор и пристигнаа во Германија во рамки на големата размена на затвореници меѓу Русија и Западот оваа недела, велат дека веќе размислуваат за враќање во Русија, но ветуваат дека ќе продолжат со политичкиот активизам дури и од странство.

Со размената, осум Руси, вклучувајќи осуден убиец, се вратија дома од западните земји во замена за 16 затвореници, од кои многумина руски дисиденти, ослободени од руски и белоруски затвори, заедно со Американци како новинарот на "Wall Street Journal", Еван Гершкович.

- Како луѓе кои всушност беа депортирани, кои беа избркани од земјата, сите имаме голема желба да се вратиме, изјави дисидентот Андреј Пивоваров во интервју за „Ројтерс" во Бон, пренесува ХРТ. - Дефинитивно сакам да бидам во Русија. Јас сум руски политичар и тоа ми е многу важно, истакна Пивоваров. - Јасно е дека тие (руските власти) нема да ни дозволат да се вратиме, иако ние тоа го сакаме, додаде тој.

Иља Јашин, опозициски активист затворен во 2022 година затоа што ја критикуваше инвазијата на Украина, исто така изрази желба да се врати дома. - Навистина ме боли моето протерување од Русија, и покрај целата благодарност што ја чувствувам кон оние кои ми посакаа добро и ме спасија", рече Јашин. - Но, искрено кажувам дека моето место е во Русија... Го посветив животот на мојата земја, додаде тој.

Јашин изјави дека е среќен што првпат по долго време ја видел својата фамилија и пријатели. Од друга страна, тој рече дека е тешко да го прифати исходот кој доведе до неговото ослободување. - Емоционално ми е многу тешко затоа што сфаќам дека сум ослободен по цена на ослободувањето на убиец, лице кое всушност извршило крваво злосторство, рече Јашин.

Во размената беше ослободен Русинот Вадим Красиков, осуден за убиство на поранешен чеченски милитант во Берлин во 2019 година.

- Неколку пати реков дека не сакам да бидам дел од какви било листи за размена, рече Јашин. - Претставниците на Кремљ со задоволство го вклучија моето име затоа што за нив мојата размена всушност значи протерување, додаде тој.

Јашин најави дека планира да продолжи, како што рече, да го едуцира рускиот народ против војната и да помага на руските политички затвореници.

Пивоваров исто така рече дека сака да продолжи со своето опозициско дејствување однадвор.

- Координирањето на што било однатре е невозможно", рече Пивоваров. - Не планирам да се повлечам, додаде тој. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан