• недела, 26 јули 2026

Општина Струга: Сопствениците на сместувачки капацитети кои добиле фактури од ЗАМП да поднесат приговор со докази 

Општина Струга: Сопствениците на сместувачки капацитети кои добиле фактури од ЗАМП да поднесат приговор со докази 

Струга, 16 јули 2026 (МИА) - Општина Струга им препорачува на  граѓаните кои издаваат сместувачки капацитети, кои добиле фактури од ЗАМП во износ од 16.500 денари да поднесат приговор со кој ќе ги приложат релевантните докази за нивната фактичка состојба.

- Сопствениците кои редовно плаќаат туристичка такса да им достават доказ за уплатената туристичка такса на ЗАМП во прилог на приговорот, со цел да се изврши соодветна проценка и евентуална корекција на пресметаниот износ, лицата кои повеќе не вршат сместувачка дејност да достават приговор со решение за бришење од регистерот издадено од Општина Струга со која ќе ја потврдат состојбата и да ги ажурираат податоците во надлежни регистри, апелира Општина Струга.

Оттаму посочуваат дека изминатите денови биле контактирани од голем број граѓани кои издаваат сместувачки капацитети, а кои добиле фактури од ЗАМП во износ од 16.650 денари.

- Согласно информациите што ги добивме од граѓаните, фактурите се издадени по единствен износ, без притоа да се земат предвид реалниот обем на работа, бројот на остварени ноќевања или висината на платената туристичка такса. Дополнително, има случаи кога фактури се доставени до лица кои повеќе не вршат угостителска дејност, не издаваат сместување, се избришани од соодветните регистри, па дури и до починати лица, информира општинската прес-служба.

Сметаат дека најнапред требало да биде доставено известување до сопствениците, со можност за ажурирање на податоците и доставување на потребната документација, а дури потоа да се пристапи кон издавање фактури.

- Општина Струга останува на располагање за насочување на граѓаните кон соодветната постапка и апелира сите засегнати своите права да ги остварат преку законски предвидената постапка за приговор, стои во информацијата. сс/бк/

Фото МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа