• петок, 22 ноември 2024

Општина Куманово ќе формира нов локален економско-социјален совет

Општина Куманово ќе формира нов локален економско-социјален совет

Куманово, 20 ноември, 2023 (МИА) - Општина Куманово почна постапка за формирање на нов локален економско-социјален совет (ЛЕСС), откако на претходниот состав му истече четиригодишниот мандат, информираа денеска од одделението за локален економски развој од општина Куманово.

Трипартитното тело и овој пат ќе биде составено од членови на општината, синдикатите и работодавачите.

- Во моментов почнуваме да испраќаме барања до синдикатите, до локалната власт, до работодавачите кои преку своите државни тела треба да назначат свои претставници. Очекуваме интерес и од синдикатот и од стопанството, нивните здруженија, изјави Ахмет Јашаровски, претставник на одделението од локален економски развој од општина Куманово.

Креирање на локалните политики во насока на подобрување на локалниот економски развој, како и подобрување на социјалниот аспект на граѓаните остануваат приоритети на телото. И новото телото ќе ги детектира потребите на локалниот економски развој. Во последно време проблем е недостиг на работници во повеќе сектори. Куманово е меѓу првите пет града каде се отворени компании, но е на ниво на пандемската 2020 година.

Недостигаат работници, потребна е доквалификација на вработените, беше заклучокот на претходниот состав.

- За време на пандемијата токму преку ЛЕСС се организираа бројни активности, делење пакети на социјално ранливите категории, кога беше прекинат превозот делумно беше решен преку ЛЕСС, остваривме средби со вицепремирот Битиќи за надминување на состојби со месната индустрија во градот, доставивме барања до Владата по барање на чевларите од Куманово. Имавме контакти со премиерот, дел од нивните проблеми беа надминати. Имавме успешен мандат, изјави Јашаровски.

Претходниот совет беше во проширен состав со вкупно тринаесет претставници од државни институции, како што се АВРСМ, Центар за социјални работи… ЛЕСС формираше стратегија за локален економски развој, помогна во време на пандемијата, организираше средби со општински и државни институции, споделувајќи мерки за справување со енергетската криза.

ЛЕСС Куманово е еден од најуспешните во државата. ам/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан