• сабота, 29 јуни 2024

Општина Крива Паланка организира Бадникова прослава и Божиќен концерт

Општина Крива Паланка организира Бадникова прослава и Божиќен концерт

Крива Паланка, 3 јануари 2024 ( МИА) - Општина Крива Паланка ја продолжува традицијата на свечено прославување на големиот христијански празник Бадник, а за првпат ќе се одржи и Божиќен концерт на градскиот плоштад, закажан за 7 јануари.
Од општината информираат дека втора година по ред на Бадник ќе се одржи  „Бадникова поворка", како дел од свеченостите со кои радосно ќе биде најавена веста за Христовото раѓање.
-На 6 јануари,  сабота, половина час пред пладне, коледарчињата ќе тргнат во Бадникова поворка од плоштадот Карпошово Востание до градскиот плоштад. На централниот градски плоштад ќе има мал концерт со коледарски и божиќни песни, по што ќе се одржи традиционалната Бадникова свеченост, делење лепче со паричка, во духот на христијанските чествувања, информираат од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.
Оттаму најавуваат дека за првпат, 
за празнична атмосфера во градот на првиот ден од Божиќ, ќе се одржи Божиќен концерт на Трио џентлмен.

-На 7 јануари 2024, градски плоштад Крива Паланка, 18:00 часот, популарното трио професионални оперски пејачи ќе ги почести нашите сограѓани со Божиќен концерт - поп-класични хитови, како единствен состав што негува и презентира ваков музички жанр во државата. Концерт за граѓаните, за сите што се тука во градот за време на празниците, за заедничка прослава на големиот христијански празник Божиќ, додаваат од општината.
Познатото трио професионални оперски пејачи: тенорите Дејан Стоев и Јане Дунимаглоски и баритонот Кристијан Антовски, ќе ги почести паланчани со свои песни и поп-класични хитови.
На нивниот репертоар се големи светски поп-хитови, наполитански канцони, латино композиции, македонски евергрини, балкански поп-композиции, изведени во поп-класичен манир.

Бадниковата прослава, поворките и концертот се реализираат во соработка со институциите од областа на културата во Општина Крива Паланка, НУ Центар за култура и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, а во организација на концертот е вклучен и Центар за аудиовизуелни уметности „КаАртс". ид/ир

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан