• среда, 23 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Општина Крива Паланка започна пролетна еко-акција за собирање електронски отпад

Општина Крива Паланка започна пролетна еко-акција за собирање електронски отпад

Крива Паланка, 1 април 2025 (МИА) - Во Крива Паланка денеска започна голема пролетна еколошка акција за собирање неупотреблив електронски отпад и отпадна електронска опрема што општината ја организира во соработка со колективниот постапувач „Елколект".

-Акцијата започнува денес и ќе трае три месеци, сѐ до 30 јуни 2025. Определени се пет собирни места за наведениот вид отпад: пред автобуската станица до кејот на Крива Река, кај домот за ученици "Боро Менков", во дворот на зградите во населбата Бавчал'к, пред Спомен костурницата кај ЈП "Македонија пат" и на почеток на регулација на Крива Река. Со цел заштита на животната средина , животот и здравјето на луѓето и зачувување на природата, вакви акции "Елколект" спроведува заедно со десет општини во државата, меѓу кои и Крива Паланка, каде компанијата веќе има поставено неколку контејнери за електронски отпад, а сега поставени се и дополнителни контејнери за оваа намена, информираат од службата за комуникација со јавноста при општината.

Од општината ги повика сите граѓани да го донесат искористениот и нефункционален електричен и електронски отпад и да дадат свој придонес кон почиста животна средина.

-Да ги исчистиме подрумите, гаражите и просториите од непотребен и опасен отпад. Да бидеме опшествено одговорни и да постапуваме со отпадот согласно законите, рече Бранко Велиновски, комунален инспектор од Одделението за инспекциски надзор во општината, кој ја координира акцијата.

Истовремено од страна на „Елколет" до општината се доставени и пет пластични зелени контејнери, со зафатнина 1.1 метри кубни за комунален отпад, што во соработка со ЈП Комуналец се поставени на локациите за отпад, покрај магистралната улица во централното градско подрачје .

„Елколет" е повеќегодишен партнер на Општина Крива Паланка за исполнување на националните цели за одржливо управување со Е-отпад.

Велиновски истакна дека оваа акција со националениот лиценциран постапувач со отпадна електрична и електронска опрема, е само почеток на планираните акции месецов со колективни постапувачи, како оние со други текови на отпад, согласно законот, со кои општината неодамна потпиша договори за постапување со текстилен отпад и хаварисани возила. Тој информира дека првите акции за собирање текстил и отстранување хаварисани возила ќе се реализираат кон крајот на април, по спроведување на неопходните подготовки за истите, како состаноци за координација со МВР, детекција и обележување на возилата со известување до сопствениците, како и кампањи за подигнување за свеста за постапување со текстилен отпад.ид/

Фото: ЈП Комуналец, Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан