• понеделник, 23 декември 2024

Општина Кочани направи измена во зонирањето и пресметката на вредноста на становите во колективните згради

Општина Кочани направи измена во зонирањето и пресметката на вредноста на становите во колективните згради

Кочани, 15 ноември 2023 (МИА) – Општина Кочани направи измена во определувањето на просторните зони и на пресметковните бодови за утврдување на пазарната вредност на становите во зградите за колективно домување, а што ќе се применуваат од идната година.

Со измената треба да се постигне пореална вредност на становите како основа за пресметка на данокот на имот, но и да се намалат големите разлики во оданочените износи во зависност од зоната во која се наоѓаат недвижностите.

-Сите објекти наменети за домување во колективни згради - А2 од третата, четвртата и петтата зона во Кочани при пресметките ќе се најдат во Зона 2, додека објектите со ваква намена што веќе се наоѓаат во Зона 1, остануваат во истата. Со оваа одлука ќе имаме неселективност во оданочувањето за имотот на сите граѓани кои живеат во станбени згради, а ќе се постигне и висина на даночниот износ што барем приближно ќе соодветствува на реалната пазарна вредност. Во моментот станбениот простор во овие згради се оттуѓува по цени од над илјада евра за квадратен метар, а со досегашната регулатива, согласно важечката методологија, при оданочувањето ние не можевме да постигнеме повисока вредност од 300 до 350 евра за квадрат, истакна Суад Мехмед, раководител на Одделението за даноци на Општина Кочани.

За наредниот период претстои обемна постапка за репроцена на вредноста на сите објекти за колективно домување во петте зони во градот, при што ќе се прави увид на лице место, во согласност со новите одредби во Законот за даноци на имот.

Согласност за одлуката за определување на зоните и пресметковните бодови за утврдување на пазарната вредност веќе даде Советот на Општината, со што таа ќе почне да се применува при изготвувањето на решенијата за данок на имот за 2024 година. та/дма/

 

Фото: МИА

Остани поврзан