• вторник, 07 април 2026

Во Штип промовирана книгата „Македонка – од раѓање до пропаѓање (1951–2001)”

Во Штип промовирана книгата „Македонка – од раѓање до пропаѓање (1951–2001)”

Штип, 6 април 2026 (МИА) - Во НУ – Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ – Штип денеска беше промовирана книгата „Македонка – од раѓање до пропаѓање (1951–2001)“. Автор на книгата е проф. д-р Андон Мајхошев од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип. Според него распаѓањето на југословенскиот пазар, е клучната причина за затварањето на текстилниот гигант „Македонка“. Во неговата книга „Македонка- од раѓање до пропаѓање“ се вели дека за да се спаси најголемиот текстилен гигант биле потребни околу 20 милиони германски марки, средства со кои би можела да опстане на пазарот. Овој текстилен комбинат имал огромно значење врз економскиот и урбанистичкиот развој на градот. Вработените имале повисока плата од просечната, а фабриката преставувала значајна кадровска база. 

 -Денешниот ден, 6 април, се совпаѓа со симболичкото предавање на предилницата на Македонка на управување на работниците, и по тој повод, денеска организираме промоција на оваа книга. „Македонка“ растеше, се развиваше и живееше 50 години,  за тој временски период го достигна својот максимум некаде кон крајот на 80-тите години и достигна бројка од 6.000 вработени. Таа беше препознатлива фирма во бившите југословенски простори, и беше димензионирана за 25 милионски пазар. Повод да ја напишам оваа книга се моите корени од „Македонка“. Значи јас припаѓам на генерација родители вработени во „Македонка“, кодот на „Македонка“ и оној ген кој го носам од моите родители преку моето вработување во овој текстилен комбинат, имаме вкупно остварено работен стаж околу 90 години. Значи девет децении моето семејство е присутно професионално, работно во ТК „Македонка“-рече Мајхошев.

Тој додаде дека кога се ликвидираа текстилните гиганти „Македонка“ и „Астибо“, бројот на вработените и невработените се изедначил во Штип. 

-Имаше 12.500 невработени, а 12.000 вработени . Тоа беше некаде во 2002 година-изјави Мајхошев.

По завршувањето на промоцијата беше отворена и изложба на фотографии од ТК „Македонка“, која го прикажува историскиот развој на работниот коклектив.  Промотори на книгата беа проф. д-р БилјанаТодорова, декан на Правниот факултети и проф. д-р Страшко Стојановски, продекан на Правниот факултет. Издавач на книгата е НУ-УБ „Гоце Делчев“ –Штип.вдј/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан