Одбележани 85 години од бомбардирањето на Штип
- Штип денеска одбележува 85 години од бомбардирањето. Пред споменикот кај зградата на Театар Штип делегации на локалните и државните институции, на политички партии и на Сојузот на борци положија цвеќе.
Штип, 6 април 2026 (МИА) – Штип денеска одбележува 85 години од бомбардирањето. Пред споменикот кај зградата на Театар Штип делегации на локалните и државните институции, на политички партии и на Сојузот на борци положија цвеќе. Петар Мицевски претседател на Општинската организација на Сојузот на борци во Штип во пригодната реч истакна дека германскиот фашистички окупатор на 6 април пред 85 години зад себе остави разурнати домови и болка на семејствата, кои загубија свои деца и роднини.

-На 6 април 1941 година, без претходно објавување на војна, германскиот фашистички окупатор и неговите сојузници, ја нападнале територијата на поранешна Југославија, а со тоа и на Македонија. Бомбардирањето е спроведено во два налета. Од овој прв налет на градот, беа ранети повеќе од 150 војника. Овие жртви останаа да лежат во коритото на река Отиња, облеани во крв и барајќи помош. Половина час по првото бомбардирање, беше извршено и второто бомбардирање, при кое беа урнати и опустошени Кадидере, Горно Маало, Калузлија, Маалото под тврдината Исар, беа уништени многу куќи и згради. На улиците лежеле убиени и ранети недолжни цивили, мажи, жени и деца. При нападот животот го изгубиле 54 лица, 22 лица биле тешко ранети, а 10 се водат како исчезнати- рече Мицевски.
Тој додаде дека ова не е само сеќавање, туку силен повик никогаш да не се повтори ужасот и никогаш да не се заборави цената на слободата. вдј
Фото: МИА