• вторник, 07 април 2026

Презентирани можностите за воена кариера пред учениците во Делчево

Презентирани можностите за воена кариера пред учениците во Делчево

Делчево, 6 април 2026 (МИА) – Во Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево денеска се одржа презентација на можностите за градење воена кариера, на која претставници од Армијата, Министерството за одбрана и Воената академија ги информираа учениците за условите и придобивките од приклучување кон безбедносните сили.

Пред учениците од трета и четврта година, како што информираа од делчевската гимназија, беа презентирани клучни информации за професионалниот ангажман во Армијата, како и за условите за запишување и студирање на Воената академија.

-Присутните имаа можност одблиску да се запознаат со предизвиците, дисциплината и одговорностите што ги носи оваа професија, но и со бенефитите, меѓу кои сигурноста на работното место, можностите за напредување и континуиран личен и професионален развој, информираа од делчевската гимназија.

Претставниците на институциите одговараа и на прашањата на учениците, кои покажаа интерес за начинот на аплицирање, селекциските процеси и условите за обука и работа.

Од училиштето посочија дека ваквите средби се од големо значење за информирање и мотивирање на младите во изборот на нивниот понатамошен образовен и кариерен пат, особено во насока на професии кои бараат посветеност, дисциплина и чувство за служба кон државата. вс/вј/

Фото: МИА
 
 

Остани поврзан