• понеделник, 04 ноември 2024

Општина Карпош: Култниот „Партизан“ се врати меѓу карпошани

Општина Карпош: Култниот „Партизан“ се врати меѓу карпошани

Скопје, 29 декември 2024

По нешто повеќе од две децении откако беше оставен во заборав на времето, денеска беше повторно пуштен во употреба спортскиот објект „Наум Наумовски - Борче“ или попознат меѓу карпошани како „Партизан“, кој почнувајќи од минатата година доживеа целосна ревитализација. Овој симбол на солидарноста, соживотот и спортскиот дух кој ги обединуваше долги години жителите на Карпош, се роди непосредно по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, благодарение на донацијата од народот на Франција. Спортската сала беше дело на почитуваниот македонски архитект Трајко Димитров, кој пред неколку години со своите совети и мислења повторно се вклучи во реконструктивниот процес на своето архитектонско чедо.

На денешното свечено отворање на реновираната сала „Партизан“, покрај спортските ентузијасти присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, заменик министерот за финансии Филип Николоски, заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски, градоначалникот Стевчо Јакимовски, директорот на Царинска Управа Стефан богоев и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсоски.

- Спортската сала и затворениот базен ќе претставуваат спортски комплекс и дом на спортот, место каде ќе може да се спортува и рекреира, но и место кое со текот на времето, се надевам дека ќе прерасне во расадник на врвни спортисти со бројни достигнувања како што некогаш излегувале од тука – истакна Ковачевски.

И првиот човек на Општината го изрази своето задоволство што токму овој култен објект кој се наоѓа во срцето на Карпош, повторно ќе биде достапен за љубителите на спортот.

- Горд сум што после сиве овие години успеавме повторно да го вратиме некогашниот сјај на оваа сала, но и да го облагородиме просторот во чии рамки ќе се дружат и социјализираат жителите од сите возрасти. Денес добиваме една повеќенаменска зона која е збогатена со разни спортски содржини. Минатата година, посебен впечаток ми остави проектантот Трајко Димитров кој во рамки на нашата заедничка средба ми призна дека му е многу жал, бидејќи овој негов објект останал самотник. Меѓутоа, со изградба на затворениот базен во негова непосредна близина, мило ми е што „Партизан“ не е повеќе осамен – посочи Јакимовски.

Пред присутните се обрати и директорот на Агенцијата за млади и спорт кој говореше за значењето на овој спортски комплекс.

- Салата „Партизан“ е необичен спортски објект. Исто така, тој претставува карактеристичен симбол и припадност со кој се идентификуваат карпошани, но исто така и скопјани. Би додал дека, нема поголемо задоволство од завршување на овој проект кој е од голема важност за граѓаните – рече Мојсоски.

Притоа, објектот го зачува својот автентичен лик кој и по 60 години остана непроменет, а во исто време го задржа и мултифункционалниот карактер. Имено, реконструкцијата на оваа спортска сала започна во април 2022 година за која АМС од својот буџет издвои околу 1,1 милиони евра, во чии рамки се наоѓаат терените за кошарка, фудбал, одбојка, како и просториите за пинг-понг, карате, џудо и стрелачки спортови. Во состав на спортскиот комплекс „Партизан“ ќе функционира и затворениот пливачки базен со големина 33x40 метри и длабочина до 1,4 метри, кој во моментов се наоѓа во тек на реализација.

Инаку, Општина Карпош уште на почетокот на 2019 година ја започна иницијативата за спас и обнова на спортската сала „Партизан“, која по разрешување на правните процедури премина во владение на локалната самоуправа. Веднаш потоа, Општината во соработка со меѓународната невладина организација „Културно Ехо“, спроведе анкета за избор на идејно решение за целосна реконструкција на салата.

Во таа насока, во февруари 2020 година, Општина Карпош на својата официјална веб страница ја објави јавната анкета на која гласаа 1.322 граѓани, а мнозинство гласови, вкупно 878 доби идејниот проект кој го изработија архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро. Двата идејни проекти беа подготвени на волонтерска основа од Меѓународната невладина организација „Културно Ехо“. Во постапката за враќање на салата во сопственост на Општината, беа вклучени јавни институции, граѓанскиот сектор, истакнати спортски работници и федерации. На тој начин „Партизан“ ги обедини овие општествени чинители, што од друга страна претставува позитивен пример на соработка меѓу државните институции и граѓанскиот сектор.

Одделение за односи со јавноста Општина Карпош 

фото Општина Карпош

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

 

Остани поврзан