• понеделник, 23 декември 2024

Општина Дебрца стартува со проектот за осовременување на уличното осветлување

Општина Дебрца стартува со проектот за осовременување на уличното осветлување

Охрид, 19 октомври 2023 (МИА) – Општина Дебрца со проект вреден 31 милион денари ќе врши осовременување на осветлувањето на населените места во општината и замена на постојните со енергетски ефикасни лед светилки.

Станува збор за активности во рамки на „Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор", што се реализира од страна на Единицата за спроведување на проектот при Министерството за финансии.

Како што соопшти градоначалникот Зоран Ногачески, Општина Дебрца и Министерството за финансии потпишаа Договорот за подзаем и грант, со кој за реализација на подпроектот се обезбедуваат вкупно 31.084.976 денари, од кои 24.867.981 денари се подзаем, средства што општината по истекот на грејс-периодот ќе треба да ги врати во рок од шест години, додека пак преостанатите 6.216.995 денари се грант.

 - На проектот му претходеше физибилити студија  што ја спроведе експертка екипа преку Министерството за финансии, а ко која беше потврдена оправданоста за спроведувањето на проектот. Општината Дебрца направи пресметки, така што е утврдено дека по пат на заштеди, олеснето одржување и со дел од средствата обезбедени преку собирање на комуналната такса за јавно осветлување ќе успееме да ги вратиме средствата од подзаемот што се 80 проценти од одобрените пари за реализација на проектот, изјави Ногачески за МИА.

Тој појасни дека по завршувањето на тендерската постапка, согласно правилата на Светска Банка, ќе започне имплементација на овој капитален проект, со кој ќе бидат заменети вкупно 1412 постојни улични светилки во населените места во општината со нови, со современа лед технологија. аб/нд/

фото/МИА архива

 

Остани поврзан