• вторник, 07 јануари 2025

Опожарено возило на новинарка од Охрид, ЗНМ бара истрага и одговорност

Опожарено возило на новинарка од Охрид, ЗНМ бара истрага и одговорност

Охрид, 6 јануари 2025 (МИА) – Полицијата во Охрид информираше дека синоќа во 21:30 часот до СВР било пријавено од страна на 50-годишна охриѓанка дека пред нејзиниот дом било опожарено нејзиното патничко возило „БМВ Икс3“ со охридски регистарски ознаки.

На терен интервенирала екипа на територијалната противпожарна единица, пожарот бил изгаснат, а повредени нема. Увид на самото место извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид.

„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Здружението на новинари на Македонија информира дека опожареното возило е во сопственост на дописничката на „Сакамдажам.мк“ од Охрид, Сузана Вренцоска, како и дека постојат индиции оти се работи за намерно подметнат пожар.

ЗНМ најостро го осудува инцидентот и го повикува Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент.

„Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес“, посочуваат од ЗНМ.

Истовремено се повикуваат надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

„Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите“, стои во реакцијата на ЗНМ. аб/вг/

фото/МИА

 

Остани поврзан