• сабота, 23 ноември 2024

ОН предупредуваат дека цивилите во Појасот Газа се гладни, жедни и болни

ОН предупредуваат дека цивилите во Појасот Газа се гладни, жедни и болни

Њујорк, 30 август 2024 (МИА) - Заменик генералниот секретар на Обединетите нации за хуманитарни прашања, Џојс Мсуја изјави дека ситуацијата во Појасот Газа, каде што продолжуваат израелските напади, е „повеќе од безнадежна“, пренесува Анадолија.

Во обраќањето пред членовите на Советот за безбедност на ОН, Мсуја предупреди на тешката хуманитарна ситуација со која се соочуваат палестинските цивили во Газа.

Таа ја повтори длабоката загриженост на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за ситуацијата на окупираниот Западен Брег и неговиот повик за итен прекин на сите израелски операции.

„Од 7 октомври 2023 година, повеќе од десет пати известувавме до Советот за безбедност на ОН за страдањата на цивилите, жените, мажите и децата“, рече Мсуја.

Таа потсети дека се почести се вестите за злоупотреба на палестински затвореници во Израел.

Мсуја, исто така, истакна дека хуманитарните работници на ОН се „соочени со предизвик без преседан“ поради различните опструкции на Израел.

Таа нагласи дека настаните во Појасот Газа во последните 11 месеци ја доведоа во прашање посветеноста на светот кон меѓународниот правен поредок, кој е дизајниран да спречи токму такви трагедии.

„Ова не тера да се запрашаме: Што се случи со нашето основно чувство за хуманост“, рече Мсуја.

Таа уште еднаш го предупреди светот дека цивилите во Појасот Газа се гладни, жедни, болни и без покрив на главата. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан