• петок, 28 јуни 2024

ОН: Илјадници Суданци се останати во домовите без медицинска нега или храна

ОН: Илјадници Суданци се останати во домовите без медицинска нега или храна

Женева, 18 април 2023 (МИА)  - Комесарот за човекови права на ОН, Волкер Турк, денеска изјави дека најновите непријателства и гранатирања во Судан оставија илјадници цивили заробени во нивните домови, јави ДПА.

-Многумина се без струја и нема начин да добијат храна, вода или лекови, рече Турк денеска во Женева.

Од саботата во Судан избувнаа борби меѓу двајцата најмоќни генерали и нивните респектибилни по бројност и опрема единици. Генералите се на власт во оваа североисточна африканска земја од воениот пуч што заедно го изведоа во 2021 година, додава германската агенција.

Светската здравствена организација (СЗО) осуди најмалку три напади врз здравствени установи, во кои загинаа три лица. Во девет болници во главниот град Картум нема доволно резерви на крв, лекови или завои.

На некои места воените сили ги окупираа здравствените установи.

-Овие напади мора да престанат, изјави портпаролката на СЗО.

Црвениот крст во Судан и многу други земји се на терен со илјадници хуманитарни работници подготвени да помогнат, изјави суданскиот шеф на Федерацијата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC), Фарид Абдулкадир.

Тој рече дека кенискиот главен град Најроби, речиси 3.000 километри јужно од Картум, има вода и храна за дистрибуција, но безбедносната ситуација не дозволува тие да се користат од волонтерите. сд/

Остани поврзан