• вторник, 12 ноември 2024

Од печат излезе „Основи на безбедност - Концепциски безбедносни пристапи” од професор Марјан Ѓуровски

Од печат излезе „Основи на безбедност - Концепциски безбедносни пристапи” од професор Марјан Ѓуровски

Скопје, 17 јануари 2022 (МИА) - Во издание на Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер од Германија во Скопје и Универзитетот „Св.Климент Охридски“ од Битола од печат излезе универзитетскиот учебник со наслов „Основи на безбедност - Концепциски безбедносни пристапи” од професор д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за Безбедност-Скопје.

Публикацијата претставува сложен научен труд кој се темели на широко разработена теориска рамка на истражување на безбедносните концепти поткрепена со систематско собирање и анализа на факти кои се употребени во презентацијата и развојот на безбедносните концепти.

- Во универзитетскиот учебник се нагласува дека безбедноста е комплексен феномен, во суштина не само поради неговата недостижна природа и содржина со оглед на времето и местото во кое се дискутира за него, туку, исто така, поради фактот што дискусијата за безбедноста е неизбежно поврзана со други категории: страв (за физички опстанок), отсуство на структурно насилство, мир, благосостојба и стабилност, стои во соопштението од авторот.

Во книгата од професорот Ѓуровски, која ќе се изучува на студиите по безбедност, криминалистика и криминологија на Факултетот за безбедност-Скопје на прв, втор и трет циклус на студии и на други високо образовни институции, се наведува дека проблемот на националната безбедност треба да се сфати како системски безбедносен проблем во кој што и индивидуите, и државите, и меѓународниот систем имаат свој дел, и во кој што економските, социјалните и факторите од сферата на животната средина, подеднакво се значајни како политичките и воените. ар/дма/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан