• среда, 01 мај 2024

Од верските календари

Од верските календари

Од верските календари 

14 април 2016 (МИА)

 

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 април.

 

Денеска е Преподобна Марија Египетска.

Животот на преподобна Марија Египетска е еден од навпечатливите раскази во историјата на христијанската агиографија. Таа била родум од Египет и живеела во шестиот век. На 12-годишна возраст избегала од дома и се населила во Александрија. Суптилниот раскош на овој голем и славен град бргу ја восхитил девојката, па таа почнала со незгаслива жед да граба за себе што е можно повеќе од земните задоволства. Кога се доближила до возраста од околу 30 години, во нејзиниот живот се случува темелен земјотрес, пресврт кој ја преобразува оваа распусна и разуздана жена во една од најголемите подвижнички-пустиножителки во историјата на Црквата. Се повлекла во Египетската пустина, каде живеела се до својата смрт. За да не остане непознато ова чудесно животно сведоштво, Бог така ги наредил работите што еден монах по име Зосима ја сретнал во пустината оваа подвижничка, ја чул од неа нејзината приказна, а подоцна и ја запишал.

 

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

 

Денеска е Св. Лидвина.

Била родена во 1380 година во Холандија. Потекнувала од сиромашно семејство. Во 1395 година се разболела од болест која предизвикала брзо ширење на големи рани по нејзиното тело. Нејзината некогашна убавина исчезнала. Света Лидвина размислувала за маките кои ги трпел Исус. Таа се поистоветила со Христовите страдања и започнала да чувствува дека болките не ги поднесува сама, туку дека Христос е во неа. Прифаќајќи ја болеста со големо верување, умрела во 1433 година.

###

Остани поврзан