• понеделник, 30 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари

Од верските календари 

15 септември 2024 (МИА)

 

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 септември.

 

Денеска е Св. маченик Мамант.

Родителите на Мамант беа христијани од Пафлагонија, област што се наоѓа во северниот дел од Мала Азија. Животот го завршија во пафлагониските затвори, потклекнувајќи им на измачувањата. А на Мамант му се случи да се роди во затворот во времето на страдањата на неговите родители. По нивната смрт, од затворот го зеде некоја вдовица Амија, на која претходно и се јави ангел и и кажа за бебето. Амија прекрасно го подигна даруваниот син. А кога Мамант беше на 15-годишна возраст, во времето на цар Аврелијан, го приведоа како христијанин, го мачеа и го фрлија в море. Но, морето го исфрли жив и неповреден, па овој се повлече во тихување на една планина близу Кесарија. По некое време гонителите го пронајдоа и тука, го фрлаа во оган и пред ѕверовите, а кога Мамант со својата светост чудесно ги победи сите овие искушенија, некој идолски жрец го прободе со трозабец. Овој свет маченик се упокои во 275 година.

 

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

 

Денеска е Ожалостена Благословена Девица Марија.

Почнувајќи од средниот век според христијанската побожност постојат седум случувања кои биле причина Марија да биде ожалостена и тоа: Симеоновото навестување на ожалостувањето на Марија; бегството во Египет; заминувањето на Исус на 12-годишна возраст за Ерусалим кога без знаење на родителите се задржал во храмот; средбата на Марија со Исус на светиот пат; болките кои Марија ги поднесувала додека траело распнувањето на Исус на крст; симнувањето на Исус од крстот и погребот на Исус. Со своите земски патења и ожалостувања Благословена Марија придонела за нашето спасение.

###

Остани поврзан