• понеделник, 23 декември 2024

Односите меѓу Скопје и Атина и денеска во фокусот на неделните изданија на грчките весници

Односите меѓу Скопје и Атина и денеска во фокусот на неделните изданија на грчките весници

Атина, 26 мај 2024 (МИА) – „Писмото на Блинкен остана во фиока“; „Дипломатски маратон за прекршувањето на Договорот од Преспа“ и „Враќање на тврдокорните“ се насловите на текстовите во неделните изданија на три грчки весници-„То вима“, „Реал њуз“ и „Катимерини“ – едни од најголемите во земјата, кои и оваа седмица македонско-грчките односи ги држат високо во фокусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Дописникот од Вашингтон на весникот „То вима“, пишува дека „писмото со честитки што Стејт департментот го изготви за првата жена претседател на Северна Македонија, никогаш не излезе од фиока“.

-Американски извори потврдија за „То вима“ дека станува збор за одлука донесена на политички високо ниво, сакајќи да испратат порака на незадоволство, пишува весникот и додава дека наместо официјално писмо од Блинкен, било одлучено новата претседателка да добие честитка преку Икс од помошник-државниот секретар на САД Џејмс О‘ Брајан.

Новинарот се задржува на ставот на САД околу почитувањето на Договорот од Преспа, пишува дека Вашингтон ја очекува новата Влада и ќе даде „грејс период“ за да види дали „политичкиот врв на Северна Македонија ќе се обиде да се ослободи со мали чекори од предизборната реторика“.

Дополнително, според информациите на весникот американската дипломатија зад затворени врати извршила притисок и пред и по изборите за почитување на Договорот од Преспа, а свесно избрала јавно да одржува низок тон.

Од друга страна, грчката дипломатија е активна на европско ниво, согласно текстот објавен во „Реал њуз“ и Атина започнала кампања за информирање на сите европски земји, на ЕУ и НАТО за прекршувањата на Договорот од Преспа.

Грчкото МНР, како што пишува весникот, дало наредба до сите дипломатски претставништва на земјата „да ги информираат нивните колеги за секое ново прекршување на Договорот од Преспа од соседната земја“.

-Во Министерството за надворешни работи чекаат да се формира Владата во Скопје за да ги соопштат процедурите предвидени со член 19 од Договорот од Преспа за активности што се оценуваат како прекршување на Договорот, но и за да продолжат кон официјални дипломатски демарши, пишува весникот, пренесе МИА.

Дополнително се осврнува и на предвидените рокови кај нас за формирање Влада процедура што, како што пишува, се очекува да заврши пред крајот на јуни.

Токму на новата Влада кај нас, акцентот го става новинарот од весникот „Катимерини“, во текстот под наслов „Враќањето на тврдокорните“, коментира дека Владата на Мицкоски можно е да има „силен шмек на Груевски“, фокусирајќи се на гласините дека Антонио Милошоски може да биде новиот шеф на дипломатијата.

-Ако се потврдат гласините за еден таков избор, ќе станува збор, според европски дипломати, за избор од висок ризик што ќе го означи заострувањето на политиката на Мицкоски кон соседите, во главно кон Грција и Бугарија, во моменти кога меѓународниот фактор притиска за почитување на договореното од новата Влада, пишува весникот.

„Катимерини“, освен на разговорите за формирање на новата Влада, се осврнува и на редиците во петокот на граничниот премин со Грција поради празникот и продолжениот викенд, како „показател за интересот на граѓаните“ и паралелно ги демантира, како што пишува „натписите во некои медиуми во Скопје дека редиците се должат на построгите контроли на царинските служби како некоја прва контрамерка за оспорувањето на Договорот од Преспа“.

-Дипломатски извор што ја познава ситуацијата на границата ги демантираше ваквите тврдења, потенцирајќи дека во моментов не постои такво нешто, а редиците едноставно се поради зголемениот интерес на граѓаните за патување во Грција, пишува весникот.

Во денешните, неделни изданија на грчките весници, освен текстови и анализи за Договорот од Преспа има и интервјуа со грчкиот премиер, со лидерот на опозицијата, со министри од Владата, кои меѓу другото, одговараат и на прашања поврзани со последните случувања меѓу Скопје и Атина.

Мицотакис, како што претходно објави МИА, преку интервјуто за „Реал њуз“ порача дека „Северна Македонија, како и Албанија, може само да добијат од добрите односи со Грција. Во спротивно, европскиот пат на двете земји минува низ Атина. И таму ќе наиде на проблеми“. ср/нд/

Остани поврзан