• петок, 12 јули 2024

Објавен Конкурсот за упис на студенти на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Објавен Конкурсот за упис на студенти на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Штип, 11 јули 2024 (МИА) - Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип го објави Конкурсот за упис на студенти во прва година за академската 2024-2025 година, информираа на денешната прес конференција ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски и проректорите, Мишко Џидров и Зденка Стојановска.

Џидров истакна дека Конкурсот е објавен на веб страницата со линк за пријавување на идните студентите на една од околу 80 студиски програми на 12 Факултети и три уметнички академии.

-Слободни места има за повеќе од 3.900 студенти во државна квота, во квота со кофинансирање и во вонредната. Сите студиски програми се веќе достапни на нашиот интернет сајт, кандидатите можат да влезат и да ги видат студиските програми, да видат со кои професори ќе можат да работат, а во текот на овие денови можат да аплицираат. Сето тоа може да се направи он лајн, порталот е отворен, со неколку клика можат да направат свој профил и да ги внесат своите податоци, вели Џидров.

Посочува дека втората фаза опфаќа од 5 август идните студенти ќе можат и лично да ги достават потребните документи за упис на избраниот Факултет или Академија.

-Прв уписен рок од 20 август до 23 август, вториот е на 5 и 6 септември, а третиот на 18 и 19 септември. Со тоа го заокружуваме уписниот рок и од 1 октомври почнува академската година, вели Џидров.

Тој додаде дека и како претходните години, така и оваа академска година најдобро рангираните студенти на факултетите ќе бидат ослободени од партиципација, од кои на Факултетот за медицински науки од партиципација ќе бидат ослобедени вкупно 40 студенти.

-По 20 на Општа медицина, 10 на студиската програма за фармација и 10 на дентална медицина, потоа Земјоделски 20, Економски, Правен, Туризам и бинис логистика  исто по 20 најдобро рангирани студенти,  Елетро-техничкиот, Машинскиот,  Природно-технички факултет, Факултетот за образовни науки, Музичка Академија  по 10 најдобро рангирани студенти, Факултетот по информатика има 30 и Ликовна и Филмска Академија по 5 студенти, вели Џидров.

Додека на Филилошкиот факултет има најголеми ослободување за упис на студенти, на катедрата за македонски јазик и книжевност се ослободуваат од партиципација сите кандидати кои ќе се запишат во трите уписни рокови, а овие студенти се ослободени од партиципација во следните четири години.

Проректорката Стојановска вели дека имаат конкурс за упис и на втор и трет циклус, а на кои имаат слободни места за околу 1.000 кандидати. Посочи дека за овие циклуси нудат студирање во три кампуси, и тоа за медицински, технички и општествени.

Ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски им порача на идните студенти да ги видат студиските програми на УГД, а дополнителна погодност за нив е што и од оваа година се дел и од Европска алијанса на Универзитети, една од 64 алијанси на европско ниво. Според него оваа Алијанса им нуди мобилност на студентите, на пример студент на Медицинскиот факултет, може да избере еден или два семестри да студира на еден од најголемите Универзитети на медицински науки во Полска. Алијансата е финансирана од фондовите на ЕУ и во наредните четири години деветте европски Универзитет, меѓу кои и штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ имаат на располагање над 14 милиони евра, за мобилност на студентите и вработените, а дополнително си остануваат и можностите од Еразмус плус Програмата. вдј/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан