Нуредини: Наскоро Фонд за животна средина и подобра контрола на загадувачите
- Министерството за животна средина и просторно планирање ќе побара да се формира посебен Фонд за животна средина во кој ќе се слеваат парите од еколошките такси што ги плаќаат фирмите од прива
Скопје, 27 јануари 2022 (МИА) – Министерството за животна средина и просторно планирање ќе побара да се формира посебен Фонд за животна средина во кој ќе се слеваат парите од еколошките такси што ги плаќаат фирмите од приватниот сектор и од биоразградливите кеси за носење стоки што ги плаќаат граѓаните.
-Ја поддржуваме идејата за формирање на Фонд за животна средина и имавме средби внатре во нашето Министерство со секторот за финансии за да бидеме подобро информирани колку средства и надоместоци од плата од приватниот сектор доаѓаат. До сега тоа целосно одеше во централниот Буџет, рече Нуредини на денешната средба со новинарите и додаде дека засега нема точни податоци колку средства се слевале од таа намена.
Нагласи дека согласно законите загадувачите треба да платат.
-Ако има средства од тоа ќе има и средства за Фондот за животна средина. Добра вест е што на собраниска комисија веќе помина измената на Законот за животна средина која ќе овозможи државата да ги евидентира жешките точки. Мислам дека наскоро ќе помине и на Собрание и со тоа ние ќе ги идентификуваме жешките точки во нашата држава како што се ОХИС, Лојане, Југохром, ... и ќе ги обврзиме приватните субјекти да почнеме планови за рехабилитација на тие точки, рече Нуредини.
Потсети дека на Влада помина законот за инспекции и веќе е во собраниска процедура со кој, како што кажа, ќе се овозможи инспекторите да прават контроли во објектите со А-интегрирана еколошка дозвола без претходна најава.
-Со тоа инспекторите ќе имаат повеќе ингеренции и ќе можат да вршат контрола без претходна најава, наместо како сега кога мора претходно две до три недели да ги информираат инсталациите дека ќе дојдат во контрола. Ќе доставиме и нов предлог закон за индустриски емисии со кој ќе се обврзат сите инсталации да имаат мониторни станици во оџаците и да имаат достапни податоци 24 часа на ден, рече Нуредини. вј/дма/