• сабота, 18 мај 2024

Нова инвестиција во основното училиште во село Драгоманце, Општина Старо Нагоричане

Нова инвестиција во основното училиште во село Драгоманце, Општина Старо Нагоричане

Куманово, 22 декември 2023 (МИА) - Општина Старо Нагоричане одвои средства од општинскиот буџет за замена на прозорците во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во село Драгоманце, соопшти денеска заменик градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

- Одвоивме средства од општинскиот буџет за замена на старите прозорци со нови на првиот кат од училиштето. Очекуваме поголема заштеда на енергија во училиштето, изјави Цветановски.

Општина Старо Нагоричане на почетокот од учебната година одвои средства и за запишаните првачиња во трите основни училишта на подрачјето на општината.

Во ова училиште во село Драгоманце заедно со подрачните во Пелинце, Челопек, Арбанашко во оваа учебна година има околу 70 ученици од прво до деветто одделение и според одговорните, овој број на ученици се задржувал во континуитет низ годините наназад. Во училиштето настава следат ученици од рурална средина од разбиен тип, за секој ученик има обезбедено бесплатен превоз од дома до училиштето и обратно. Дел од учениците се сместени и во ученичкиот дом, сместен непосредно до училиштето.

Одделенската настава се изведува во комбинирани паралелки по најсовремени методи со примена на ИКТ вештини и други дидактички средства. ам/дма/


Фото: Општина Старо Нагоричане и МИА

Остани поврзан