• недела, 05 мај 2024

НКЕУ-МК: Единаесетта сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој посветена на Системот на знаење и иновации во земјоделството (AKIS)

НКЕУ-МК: Единаесетта сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој посветена на Системот на знаење и иновации во земјоделството (AKIS)

Скопје, 5 март 2024 

„Трансфер на знаење и иновации: Систем на знаење и иновации во земјоделството (AKIS)“ беше темата на единаесеттата сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), која се одржа денеска (05 март 2024 година) во Клубот на пратеници.

Во рамките на сесијата се одржа панел-дискусија на која од страна на учесниците беа истакнати улогата и придобивките на Системот за знаења и иновации во земјоделството во Европската унија, познат како АКИС, кој го изразува развиениот меѓусекторски пристап на новата Заедничка земјоделска политика (2021/2027). Крајната цел на овој систем е зајакнување на земјоделците со знаење и алатки потребни за справување со предизвиците, какви што се: оптимално искористување на ресурсите, зголемена профитабилност и конкурентност, справување со влијанијата од климатските промени и други предизвици за современото земјоделство.

Воведни обраќања во темата и работата на Националната конвенција имаа Милева Ѓуровска, Национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европско движење во Република Северна Македонија, како и Хенрик Маркуш, амбасадор на Република Словачка во Република Северна Македонија.

Од страна на Гоце Георгиевски, раководител на Секторот за рурален развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија беше направен преглед на досегашните активности од страна на Министерството во однос на трансферот на знаења и иновации во земјоделство. Беа споделени придобивките од донесувањето на новиот закон за воспоставување на советодавен систем за земјоделство и рурален развој и беше истакнато дека земјава ќе биде прва во регионот која ќе воведе мобилна апликација, која ќе ги поврзе сите чинители од земјоделскиот сектор, придонесувајќи кон побрзо и полесно споделување на сите потребни информации во овој сектор.

На сесијата, експертите Доналд Аквилина и Димитар Ванев, споделија детални наоди и искуства од проектот финансиран од ЕУ – „Модернизација на советодавните услуги за операторите во областа на земјоделството во Северна Македонија“, потенцирајќи ја потребата од креирање и спроведување на обуки прилагодени на потребите на земјоделците, а во насока на осовременување на земјоделството во државата.

Ана Симоновска од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, ја нагласи потребата од меѓусекторската соработка меѓу сите чинители и сегменти кои се дел АКИС системот, правејќи споредба со човековиот организам, каде за негово нормално функционирање е потребна поврзаност и „соработка“ на сите органи. Притоа, беше истакната потребата од зајакнување на капацитетите и развивање на двостраната соработка меѓу сите ученците во АКИС системот преку воведување на координативно тело кое ќе ја координира и поттикнува размената на потребни информации, знаења и иновации меѓу сите учесници. Од нејзина страна беше потенцирано дека соработката е доверба, ако нема доверба ќе нема соработка за пренесување на знаењата.

Преку практични примери и искуства од терен, споделени од страна на Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери беше нагласена потребата од што поскора и побрза имплементација на АКИС системот во нашата држава, како нужна потреба на фармерите за полесно и поуспешно справување со предизвиците на модерното земјоделство, како што се климатските промени, пласманот на производите и сѐ поголемата потреба од вода и храна.

На единаесеттата сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија преку богата дискусија и размена на експертски ставови, се дефинираа клучните прашања и беа усвоени препораки за патиштата на имплементација на овој значаен механизам на Европската заедничка земјоделска политика, кои ќе бидат испратени од надлежните институции.

Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот се реализира од страна на Европското движење во Република Северна Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и SlovakAid.

Секретаријат на ЕДРМ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ЕДРМ

Остани поврзан