Николоски: Секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори се злоупотребува темата Македонија
- Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски смета дека процесот на уставните измени кај нас и преговарачката рамка се главна тема во бугарските медиуми секогаш кога има избори во Бугарија.
Скопје, 29 август 2024 (МИА) – Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски смета дека процесот на уставните измени кај нас и преговарачката рамка се главна тема во бугарските медиуми секогаш кога има избори во Бугарија.
-Ова не е политика на Бугарија од вчера. Ова е политика на Бугарија која што ја имаме во континуитет од 2020 година. Второ, секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори се злоупотребува темата Македонија. Не знам сега не сум сигурен за кога им се изборите затоа што до толку се нефункционални што не можат ни избори да закажат, ова им е седма или осма техничка влада, веќе луѓе не можат да најдат за во техничката влада. Така што, прво нека си ги средат дома работите, нека изберат политичка влада и ќе седнеме и ќе зборуваме со политичката влада. Немам намера да одговарам на луѓе коишто ловат политички поени а коишто се политички маргиналци во моментов во Бугарија затоа што се претставници на влада која што нема легитимитет од никого, рече Николоски прашан за коментар за последната реакција од бугарското МНР дека „на раководството во Скопје би требало да му е јасно дека обидите за лансирање на идеи за предоговарање може единствено да доведат до ново оддалечување од стартот на преговори“.
Во однос на измените на Законот за медиуми рече дека кабелските оператори мора да ги почитуваат обврските.
-Кабелските оператори мора да ги почитуваат обврските од законот. Законот е многу јасен и вели дека националните телевизии мора да имаат договори за надоместок со кабелските оператори што во суштина е и логично имајќи предвид дека граѓаните за да гледаат кабелска телевизија плаќаа надоместок на кабелските оператори и логично е дека дел од тој надоместок кабелските оператори треба да платат на телевизиите на ист начин на коишто плаќаат и на странските канали коишто ги емитуваат, рече Николоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Во однос на пиратеријата, додаде, дека во законот многу јасно пишува дека мора да има јасни договори за заштита на интелектуалното и авторско право на сите канали коишто се емитуваат во јавноста, а и во однос на снимања, реемитувања итн..
-Медиумите во случајов тоа се телевизиите ја имаат мојата целосна поддршка, порача Николоски. вј/аа/
Фото: МИА архива