• сабота, 21 декември 2024

Николовски и Стоилковиќ на средба со Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ за изградба на гасна интерконекција Србија-Македонија

Николовски и Стоилковиќ на средба со Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ за изградба на гасна интерконекција Србија-Македонија

Белград, 5 септември 2024 (МИА) - Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и вицепремиерот и министер за односи со заедниците Иван Стоилковиќ во рамки на вториот ден од посетата на Белград остварија средба со министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓедовиќ Хандановиќ го честиташе формирањето на новата Влада и истакна дека очекува продолжување на добрата соработка во енергетскиот и рударскиот сектор, како и во реализацијата на заедничките проекти, меѓу кои е изградбата на гасната интерконекција Србија-Северна Македонија, со која Србија продолжува да ги диверзифицира изворите и правците за снабдување со природен гас.

-За безбедно снабдување на регионалниот пазар со природен гас, потребна ни е инфраструктура и алтернативни патишта за снабдување. Изградбата на гасната интерконекција Србија-Северна Македонија обезбедува диверзификација на патиштата и изворите на снабдување, подобрување на безбедноста на снабдувањето на Србија, Северна Македонија и целиот регион, овозможува понатамошен развој на дистрибутивната мрежа на јужна Србија и интеграција на постојните и идните капацитети за складирање на природен гас во единствен енергетски систем, изјави министерката Ѓедовиќ Хандовиќ, се наведува во соопштението на нејзиното министерство.

Таа додаде дека во тек е подготовката на Просторниот план на подрачјето со посебна намена, како и Физибилити студијата и Студијата за оцена на влијанието врз животната средина, кои се финансираат од фондовите на ЕУ.

Според неа, должината на гасоводот од српска страна е 47 километри и се очекува работите во вредност од 42 милиони евра да бидат завршени во 2027 година.

Министерката потсети дека двете земји имаат добра соработка и во Енергетската заедница со оглед на сличниот енергетски микс и предизвиците со кои се соочуваат и дека очекува таа соработка да продолжи.

Вицепремиерот Николоски, изрази задоволство од зајакнувањето на соработката и истакна дека изградбата на гасниот интерконектор Србија -Северна Македонија е стратешки проект и дека очекува гасоводот меѓу Северна Македонија и Грција да биде завршен следната година, со што ќе формираат природен коридор за транспорт на природен гас од Грција, преку Северна Македонија до Србија, што би било многу важно за регионалната енергетска безбедност. об/

Фото: МИА

Остани поврзан