• петок, 22 ноември 2024

Незгодната страна на патувањето во Вселената и назад

Незгодната страна на патувањето во Вселената и назад
Париз, 8 ноември 2021 (МИА) - Четворица астронаути треба да пристигнат на Земјата утре, по престојот на Меѓународната вселенска станица, а патувањето што ќе трае околу 20 часа ќе има и свои ризични моменти, пишуваат медиумите во Франција кои го следат настанот. Французинот Томас Песке е меѓу космонаутите. Патувањето започнува кога капсулата во којашто се наоѓаат астронаутите ќе се одвои од Меѓународната вселенска станица. Астронаутите ќе бидат во постојана комуникација со инженерите на Земјата, бидејќи првиот од ризичните моменти е влегувањето во атмосферата. Во таа фаза температурата може да достигне 1.600 Целзиусови степени. Ако, на пример, сопирањето не се примени правилно, капсулата може да го промаши влезот во атмосферата и да застрани низ Вселената, или во друг случај - да изгори. Слична несреќа се случи на 1 февруари 2003 година, кога седум лица ги загубија своите живее откако нивното летало изгоре. Кога ќе заврши таа фаза, астронаутите имаат помалку од еден час пред слетувањето. Останува да се намали првичната брзина на капсулата од 800 километри на час. За да се постигне ова, првите падобрани се вклучуваат на околу 10 километри од Земјата, а потоа на околу три километри, кога најголемиот падобран ќе ја намали брзината на 20 километри на час. Неколку мига подоцна, капсулата ќе го исфрли целиот вишок гориво и кислород. Кога ќе се спуштаат на земја, одредени уреди на капсулата ќе го апсорбираат ударот, за тој да биде што е можно поблаг. Откако ќе се спушти на земја, до капсулата се приближува посебно возило во кое има спасувачки тим кој ќе им помага на астронаутите да излезат, бидејќи во тој миг не можат да одат. Астронаутите веднаш одат на столчиња, а потоа се подложени на серија медицински тестови. Во седиштето на Европскиот центар за астронаути во Келн, Германија, астронаутите ќе минат најмалку три недели рехабилитација. Поранешниот астронаут Мишел Тоњини изјави дека по секој престој во Вселената, астронаутите повторно се навикнуваат на гравитацијата на Земјата. - Сите на почетокот се заморени, бидејќи патот е долг, изјави Тоњини за Ер-те-ел. - А, астронаутите првично ќе може да пешачат само еден час дневно и на тој начин постепено ќе се навикнуваат повторно на одот на Земјата. Според него, има и други работи на кои луѓето ќе треба повторно да се навикнат. По првиот лет, на пример, тој морал главата да ја врти налево, бидејќи мускулите на десната страна на вратот му биле премногу слаби. Покрај физичката рехабилитација, постои и психолошка рехабилитација, бидејќи многу астронаути доживуваат одредена тага кога ја напуштаат Вселената, додаде Тоњини. Покрај Песке, на Земјата се враќаат и астронаутите на американската воздушно-вселенска агенција НАСА - Меган Мекартур и Шејн Кимброу и Јапонецот Акихико Хошида.  си/паг/

Остани поврзан