• понеделник, 23 декември 2024

Риба од многу редок вид најдена угината во САД - вторпат за три месеци

Риба од многу редок вид најдена угината во САД - вторпат за три месеци

Лос Анџелес, 20 ноември 2024 (МИА) - Уште една „риба на судниот ден“ се појави на плажа во Јужна Калифорнија, т.е. кај градот Енсинитас, САД - вообичаено исклучително ретка појава, но ова е вторпат оваа година. Ретката риба „рамнотелка“ (лат.: „regalecidae“; анг.: „oarfish“), пронајдена на плажата „Грандвју“, била долга скоро 10 стапки (околу три метри). Занимливо, рибата била забележана од кандидатка за доктор на „Скрипс“ Институтот за океанографија, како што објави установата на својот интернет-простор.

Рибата на многумина им изгледа како морско „митско суштество“, со долго тело налик на лента, кое може да порасне и до 10 метри, според организацијата „Зачувување на океанот“ (Ocean Conservancy).

Откако истражувачката Алисон Лафериере ја пронашла ретката риба - што всушност наликува на голема јагула, но со „страшно“ лице, суштеството набргу дошло во рацете на Институтот.

Според научникот Бен Фрабл, од 1901 година во Калифорнија се насукале само 20 вакви риби. Активистите, пак, велат ова се случува само кога рибата е болна, угинува или е дезориентирана.

- Тоа може да има врска со промените во условите на океаните и зголемениот број на рамнотелки на нашиот брег. Многу истражувачи го предложија ова објаснување за тоа дека една риба од длабоките води се наскукува на плажите. Понекогаш тоа може да биде поврзано со пошироки промени, како што се „Ел Нињо“ и „Ла Ниња“, но тоа не е секогаш случај. На почетокот на оваа година имаше слаб „Ел Нињо“. Ова насукување се совпадна со неодамнешната „црвена плима“ и ветровите кај Санта Ана минатата недела, но многу промени може да доведат до овие појави, објасни Фрабл.

„Ел Нињо“ и „Ла Ниња“ се сленговски називи за силни ветрови коишто предизвикуваат струења во океанот - на исток и на север, соодветно. Поимот „црвена плима“ се однесува на загадување на океанот.

Рибите „рамнотелки“ обично живеат во тн. мезопелагична зона - област во океанот што е малку истражена од научниците. Тие пловат вертикално низ води на длабочина од 3.280 стапки, каде што има малку светлина. Според науката, нивните сребрени рефлектирачки тела им помагаат да се вклопат во посветли области.  си/

Фото: „Скрипс“ Институтот за океанографија

Остани поврзан