• недела, 22 декември 2024

Недела на јапонски филм во Скопје и Битола

Недела на јапонски филм во Скопје и Битола

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) - Во Кинотека на Северна Македонија во Скопје од 3 до 8 ноември оваа година ќе се одржи 16. издание на Недела на јапонски филм. Годишната програма ќе обработува теми од секојдневните предизвици со кои се соочуваат претставници од различни демографски групи во јапонското општество.

Битола ќе биде домаќин на Неделата на јапонскиот филм на 9 и 10 ноември, а сите проекции ќе бидат  бесплатни.

Директорот на Кинотека на Северна Македонија, Владимир Ангелов на денешната прес-конференција рече дека првиот филм со кој ќе се отвори Неделата на јапонски филм е „Барам љубов“ на режисерот Косаи Секине. Проекција на овој филм ќе се одржи и во Битола на 9 ноември.

„Барам љубов“, како што рече Ангелов, ја обработува темата на еден општествен проблем наречен Хикикомори - екстремен облик на социјална фобија од која страдаат милиони млади Јапонци.

-Кај нас но и во целиот свет нема млади луѓе кои не се среќаваат со потешкотии во врска со работата, кариерата, љубовта, а многу често и депресија, анксиозност и слични психички проблеми. Старите луѓе насекаде во светот имаат проблеми со болести и се борат со заборавањето и им треба потпора од семејството. Ова се темите кои ги обработуваат првите два филма од годинешната програма, додаде Ангелов.

„Долгото збогување“ на Рјота Накано е вториот филм што ќе се прикаже во Кинотека, а во Битола ќе има проекција на 10 ноември.

-Приказната на овој филм се врти околу пензиониран професор кој што боледува од Алцхајмерова болест и неговото семејство треба да ја прифати таа информација и да се соочи со промените што ги очеуваат, во Јапонија каде што стареењето на населението е проблем веќе подолго време, додаде директорот на Кинотека.

Во понеделник, на 6 ноември ќе се одржи проекција на филмот „Осаменото Уме дрво“ на Котаро Ваџима. Овој филм се занимава со болната тема на сите родители - со аутистични деца, односно како тие да ги интегрираат своите деца во општеството и што да направат за да ги заштитат од немилосрдната средина.

На 7 ноември, во вторник, ќе се прикаже филмот „Филмските лажговци од Асахи-За“ на Јуки Танада.

-Јуки Танада е една од најпродуктивните и најуспешни режисерки во Јапонија. Референтен е филмот и од гледна точка на Кинотеката. Овој филм зборува како едно од најстарите art house кина во Јапонија се бори за опстанок во напливот на комерцијални филмови, рече Ангелов.

Последниот ден во Кинотеката на 8 ноември ќе се прикаже филмот „Макуко“ на Кеико Цуцурока.

-Овој филм е еден необичен спој на приказна на растење, менување на телото, на перцепција на светот, но овој пат со еден научно фантастичен пресврт. Од она што го знам за филмовите, кои не сум ги гледал и мене ќе ми биде првпат да ги гледам за време на фестивалот, овој филм ми е фаворит. Има одлични критики и топло го препорачувам. Креативноста изразена во овој филм дава друга димензија на она што секој возрасен го искусил и ни помага да се сетиме каква метаморфоза претставува човековото созревање, додаде Ангелов.

Според Ангелов, овој фестивал ни помага да ги забележиме заедничките човекови драми, што се искусуваат во секоја култура и ја доближуваат Јапонија до обичниот граѓанин на нашата држава.

Амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја потсети дека следната година се слави 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Јапонија и Северна Македонија и најави дека ќе се организираат многу културни настани.

-Покрај дистрибуцијата на јапонски филмови, Јапонската фондација работи и на спроведување на сеопфратни меѓународни програми за културна размена низ целиот свет. Ги повикуваме сите кои се заинтересирани за јапонската култура и сакаат да бидат дел од заедничкото прославување, да ја земат во предвид можноста за аплицирање на отворениот конкурс за финансиска поддршка преку Јапонската фондација, рече амбасадорот Казуја.

Недела на јапонски филм е поддржана од Јапонската Фондација, Кинотеката, Центарот за култура во Битола и Јапонска Амбасада. бт/бак/

Фото/МИА

Остани поврзан