• сабота, 21 декември 2024
На денешен ден

29 септември 2024 (МИА)

 

106. п.н.е.- Роден е римскиот војсководец и државник Гнеј Помпеј Велики, освојувач на Ерусалим во 61 година п.н.е. Учествуваше во задушувањето на востанието на римските робови кои од 71 до 69 година п.н.е. ги предводеше Спартак, а гласот на голем војсководец го стекна во 66 година п.н.е. со победата над понтскиот крал Митридат VI Еупатор со што ја зацврсти римската власт во Мала Азија. 

1399.- Кралот Ричард II како прв англиски монарх беше принуден да абдицира, бидејќи престолот му го одзеде неговиот братучед, син на чичко му Хенри Болингброк, кој стана крал Хенри IV.

1518.- Роден е италијанскиот сликар Јакопо Робусти Тинторето, еден од најголемите мајстори на 16. век. Работеше на големи композиции со силни чувства и за најмали ситници. Силно влијаеше врз европските сликари, особено на импресионистите. Работеше во родната Венеција во која и останаа главните дела „Рај“  во Дуждевата палата, „Тајната вечер“ во црквата Сан Џорџо Маџоре и други.  

1521.- Турскиот султан Сулејман Први го освои Белград по двомесечна опсада, по што беше отворен патот за натамошни освојувачки походи на север.

1547.- Роден е шпанскиот писател Мигел де Сервантес Салвадер, автор на „Дон Кихот“, прв реалистичен роман во шпанската литература. 

1703.- Роден е Франсоа Буше, француски сликар, еден од главните претставници на сликарскиот правец рококо. Умре на 30 мај 1770 година. 

1758.- Роден е англискиот адмирал Хоратио Нелсон кој внесе радикални новости во војување на море. Учествувајќи во 140 битки беше ранет дури 40 пати. Го загуби окото во борбата кај Калвиј во 1794 година, а десната рака во битката кај Тенерифе во 1797 година. Кај Трафалгар во 1805 година ја уништи француската флота каде беше и смртно ранет. 

1901.- Роден е италијанскиот нуклеарен физичар Енрико Ферми, добитник на Нобеловата награда за физика во 1938 година. Во Чикашкиот универзитет раководеше со изградбата на првиот нуклеарен реактор. 

1902.- Во Париз умре Емил Зола, француски писател, творец и најзначаен претставник на натуралистичкиот правец во книжевноста. Најпопуларни се неговите романи „Нана“, „Жерминал“, „Земја“, „Плодност“, „Слом“ и други. Роден е во Париз, на 2 април 1840 година. 

1903.- Родена е американската филмска глумица од ирско потекло Грир Гарсон. Беше добитник на Оскар за филмот „Госпоѓа Минивер“, снимен во 1942 година. Филмови: „Збогум, мистер Џипс“, „Гордост и предрасуди“, „Мадам Кири“, „Јулиј Цезар“. 

1904.- Роден е Николај Алексеевич Островски, руски писател. Неговите дела се автобиографски карактер и во нив се зборува за животот и подвизите на младината во текот и по социјалистичката револуција во Русија. Романот "Како се калеше челикот" стана класично дело на руската книжевност, доживувајќи повеќе од 200 изданија. Умре во 1936 година. 

1911.- Италија и објави војна на Турција и навлезе во либиската провинција Триполитанија со намера да допре до северна Африка. Нејзиниот експедициски корпус ги победи Турците, но потоа водеше тешка војна против Арапите се до падот на фашистичка Италија во 1943 година во Втората светска војна. 

1913.- Од бродот кој пловеше од Антверпен до Лондон исчезна германскиот инженер Рудолф Дизел, кој во 1893 година го конструира првиот мотор со внатрешно согорување на принципот на самопалење. 

1914.- Во Скопје умре Стеван Мокрањац, српски композитор кој се одликува со извонредна смисла за уметничка обработка на музичкиот фолклор. Негови најзначајни остварувања се ракатки, 15 народни рапсодии (со уметничка стилизација) на македонски, босански и на српски мелодии. Роден е во Неготин, на 9 јануари 1856 година. 

1930.- Во Финска умре Илја Јефимович Рјепин, познат руски сликар. Негови најпознати дела се „Бурлаци на Болга“, „Иван Грозни и неговиот син Иван“, „Запорошци“ и портретите на Мусоргски на Пирогов и други дела. Роден е на 5 август 1944 година. 

1935.- Во Феридеј, во државата Луизијана, е роден Џери Ли Луис, еден од легендарните рокенролери во педесеттите години на 20. век и мајстор на клавирот. Неговиот прв албум е „Луди раце“ (1957г.). 

1938.- Во Минхен почна дводневната конференција на владите на Велика Британија, на Франција, Италија и на Германија, во чија работа учествуваа и Хитлер и Мусолини. На конференцијата западните сојузници му ги предадоа на Хитлер областите на Судет, со што беше жртвувана независноста на Чехословачка. Тоа беше триумф на Хитлер, капитулација на западните сили и предупредување на малите држави дека никој нема кој да ги брани. 

1940.- Романија во Втората светска војна излезе од Балканскиот пакт што на 9 февруари 1934 година во Атина го склучија со Југославија, Турција и со Грција. 

1941.- Во Москва во Втората светска војна почна конференцијата на СССР, САД и Велика Британија, на која Вашингтон и Лондон со Доверлив протокол се обврзаа во наредните девет месеци да и испраќаат помош во оружје и опрема на Црвената армија, а Москва одби САД и Велика Британија да создадат воздухопловна база на САД во Сибир.

1941.- Во Баба Јара кај Киев, Германците во Втората светска војна го извршија масакрот врз Евреите, во кој за два дена убија 33.771 цивилно лице, вклучувајќи жени и деца. 

1941.- Почна Драмското востание на македонските и на грчките востаници против бугарскиот окупатор. Во гратчињата Драма, Просечен, Карликово и Кубалица, што ги нападнаа востаниците, беше воспоставена народната власт. По жестоките борби, бугарската војска и полиција го задушија востанието и притоа извршија масакрирање на околу 3.000 луѓе и беа преземени различни репресивни мерки низ целата територија во источната област на Егејска Македонија. 

1957.- Во Западен Пакистан загинаа безмалку 300 луѓе кога експресен воз со голема брзина удри во композиција на цистерни со нафта. 

1970.- Потпретседателот на Египет Анвар ел Сада ја презеде должноста шеф на држава еден ден по смртта на Гамал Абдел Насер. 

1972.- Јапонија и Кина ставија крај на војната и ги нормализираа односите. 

1979.- Претседателот на Екваторска Гвинеја Франсиско Масијас Нгуем, е тргнат од власт во август 1979 година. Беше стрелан под обвинение за „геноцид, предавство, проневера и систематско кршење на човековите права“. 

1988.- Мировните сили на Обединетите нации ја добија Нобеловата награда за мир.

1990.- На средба на највисоко ниво од Виетнамската војна, се состанаа државниот секретар на САД Џејмс Бејкер и шефот на виетнамската дипломатија Нгујен Ко Так, со што се забрза нормализирањето на односите меѓу бившите непријатели. 

1991.- Во селото Усје, Скопско, е осветена црквата "Свети Атанасиј". 

1993.- Во Аруба, држава на Карипските Острови, Република Македонија е примена за полноправен член на Интерпол, меѓународна организација на криминалистичките полиции.

2005.- Во три експлозии на автомобили-бомби кои се случија скоро во исто време во ирачкиот град Балад, северно до Багдад, најмалку 60 луѓе загинаа, а 70 се ранети. 

2006.- Загинаа 155 луѓе кога патничкиот авион „Боинг 737-800“ на бразилската компанија „Гол“ се урна во Амазонската џунгла. Авионот леташе од Манаус во Бразилија кога се судри со мал приватен авион од типот „Ембраер“. 

2009.- Проблеми во инсталацијата на електричните и плинските уреди во кујната се причина за пожарот што избувна изутрината во манастирот Св. Јован Бигорски. Пламенот прво го зафати кујнскиот дел, по што се прошири во трпезаријата, конаците и библиотеката, кои се целосно изгорени, но нема повредени лица. Штетата од огнената стихија, според проценките на Националниот конзерваторски центар, изнесува над 5,5 милиони евра. Но, трајно се уништени и објекти и предмети чија историска и културна вредност е ненадоместлива. Со помош на монасите се изнесени и се спасени речиси сите вредни икони од галеријата. Манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски посветен на Св. Јован Крстител, се наоѓа на патот помеѓу Гостивар и Дебар во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требишта, по течението на прекрасната Радика. Името Бигорски, го има добиено заради тоа што е изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци. Според Бигорскиот поменик, манастирот го основал монахот Јован во 1020 година а во 16 век манастирот бил разурнат од Турците, и останала само една мала црква. Од помениците исто така се дознава за обновувањето на манастирот во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој е и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време. Манастирот Св. Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Него го правеле мајсторските раце на тајфата на Петре Филипов - Гарката од селото Гари. Петре Филипов - Гарката, брат му Марко, Макрариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип од родот Филиповци од Осој, во периодот од 1829 до 1835 година успеале да создадат врвно уметничко копаничарско дело.

2017.- Во 67 година од животот почина новинарот Ристо Тодороски, поранешен постојан дописник на „Нова Македонија“ од Струга. Роден е во 1950 година во село Вишни, а основно училиште и гимназија завршил во Струга. Дипломирал на катедрата за македонски јазик и јужнословенска книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1984 година до 1999 година беше директор на Радио Струга, каде што како директор, новинар и уредник го помина најголемиот дел од работниот век. Пред пензионирањето работеше како професор по македонски јазик во училиштата во Струга. Повремено соработувал и со првиот независен дневен весник „Република“, списанието „Долар“, југословенскиот весник „Борба“, како и со новинските агенции Танјуг и МИА. Има објавено голем број новински репортажи и записи, интервјуа со значајни личности од јавниот живот и културата. Автор е на две книги – „Замолчено време“ (репортерски бележења, 2002 година) и „Смок“ (раскази, 2003 година), како и на радио драми, што се емитувани на Радио Скопје. За својата новинарска работа има добиено поголем број награди и признанија.

###

 

Остани поврзан