На денешен ден
- 1262.- Силите на кастилијанскиот крал Алфонсо X ел Сабио го зазедоа пристаништето Кадис на брегот на Атлантскиот Океан, со што ја завршија петвековната маварска окупација на градот.
14 септември 2024 (МИА)
1262.- Силите на кастилијанскиот крал Алфонсо X ел Сабио го зазедоа пристаништето Кадис на брегот на Атлантскиот Океан, со што ја завршија петвековната маварска окупација на градот.
1321.- Умре италијанскиот писател, филозоф и политички мислител Алегиери Дуранте, познат како Данте Алигиери. Изучуваше јазици, право и филозофија, а се бавеше и со политика поради што во 1302 година беше протеран од неговата родна Фиренца.
1523.- Умре папата Адријан VI, единствен Холанѓанец поглавар на римокатоличката црква во нејзината историја. Неговиот понтификат траеше неполни две години во кои не ја оствари својата замисла за обединување на европските земји во борбата против Отоманското царство.
1547.- Роден е холандскиот државник Јохан фан Олденбарневелт, татко на модерната холандска држава.
1752.- Велика Британија и нејзините колонии го прифатија Грегоријанскиот календар.
1760.- Роден е Луиџи Черубини, италијански композитор. Умре на 15 март 1842 година.
1769.- Роден е Александар фон Хумболт, германски природонаучник, географ и истражувач, основач на физичката географија. Умре на 6 мај 1859 година.
1812.- Францускиот цар Наполеон Први влезе во Москва. Москва беше запалена од самите Руси за да го спречат зимувањето и снабдувањето на трупите на Наполеон.
1829.- По поразот во војната која во 1828 година ја започна против Русија, Турција во Едрене го потпиша мировниот договор со кој на Русија и ја отстапи делтата на Дунав и кавкаскиот црноморски брег.
1847.- По низа победи во Американско-мексиканската војна, единиците на САД под команда на генерал Видфилд Скот го окупираа Сиудад Мексико. Со мировниот договор мексиканската влада беше принудена на воено посилниот сосед да му ги отстапи Калифорнија, Јута, Аризона и Њу Орлеанс.
1851.- Умре американскиот писател Џејмс Фенимор Купер, еден од првите пишувачи на историски роман во американската литература. Дела: романите „Шпион“, „Пилот“, „Индијанци“, циклус романи „Ловец на елени“, „Последниот Мохиканец“, „Извидник“, „Пионери“, „Прерии“.
1852.- Умре англискиот војсководец и државник фелдмаршал Артур Велзли Велингтон кој се прослави со војните против францускиот цар Наполеон Први.
1886.- Роден е чешкиот дипломат Јан Гариг Масарик, шеф на чехословачката дипломатија. Во март во 1948 година изврши самоубиство. Мотивите за чинот не се расветлени, но се знае дека тој не му беше наклонет на комунистичкиот режим на власта.
1911.- Рускиот премиер Петар Столипин беше смртно ранет во атентат извршен во театар во Киев. Умре четири дена по атентатот.
1914.- Генерал Ерих фон Фалкенхајн го замени во Првата светска војна генералот Хелмут вон Молтке на местото началник на штабот на германската Врховна команда.
1918.- Во Прилеп е роден проф. д-р Димко Кепески, еден од основачите на Клиниката за ортопедски болести во Скопје. Умре во Скопје, на 27 ноември 1996 година.
1924.- Во познатите септемвриски горно-џумајски колежи е убиен Арсениј Јовков, македонски револуционер и публицист. Своите духовни сили ги посвети на повеќе области во културата, меѓу кои најмногу на журналистиката. Учествуваше во Илинденското востание. Тој е првиот македонски филмски сценарист, според чие сценарио е снимен документарниот филм „Македонија на филм“ во 1923 година. Роден е во селото Селци, Струшко, на 25 март 1884 година.
1927.- Во автомобилска несреќа загина американската балерина Исидора Данкан. Таа е една од најзначајните балерини на 20 век.
1928.- Во Прилеп е роден Димитар Гешоски, еден од најпознатите македонски артисти. Во својата богата артистичка дејност оствари над стотина театарски, телевизиски и филмски ликови. Умрел во Скопје, на 29 октомври 1989 година.
1937.- Умре чешкиот државник и филозоф Томаш Гариг Масарик, прв претседател на Чехословачка од 1918 до 1935 година и професор на Прашкиот универзитет. Од 1907 година како пратеник во австроунгарскиот Парламент се бореше против режимот на Хабзбуршката монархија.
1939.- Хеликоптерот „VS-300“ на рускиот конструктор Игор Сикорски, кој емигрираше во САД, го изведе првиот успешен хеликоптерски лет во историјата на воздухопловството.
1959.- Советската „Луна 2“ стана првиот вселенски брод кој се спушти на Месечината.
1960.- Во Белград заврши состанокот на претставниците на земјите производители на нафта на кој е донесена одлука за основање на ОПЕК (Организација на земјите извознички на нафта).
1971.- Во Скопје умре Томо Владимириски, македонски академски сликар и сценограф. Во сликарството мотиви му се луѓето, историјата и пејзажите на Македонија. Роден е во Скопје, на 26 август 1904 година.
1977.- Во Хемшајр, во Англија умре Леополд Стоковски, американски диригент од полско потекло, пропагатор на современата музика, еден од најпознатите диригенти во светот. Роден е во Лондон, на 18 април 1882 година.
1982.- Ден по сообраќајната несреќа на приодот на Монте Карло, во Франција умре славната холивудска артистка, принцезата од Монако Грејс Кели. Родена е во Тексас, во 1928 година.
1982.- Во експлозија на бомба која во седиште на христијанската партија ја подметнаа исламски терористи загинаа претседателот на Либан Бешир Џемаил и уште 20 лица.
1995.- Рускиот претседател Борис Елцин одби да ги потпише законите на Државната дума со кои Русија би се откажала од примена на санкции против Југославија, а ги воведе против Хрватска.
1996.- Во Прилеп умре Пеце Атанасоски, македонски инструменталист - гајдаџија. Роден е во селото Долнени, Прилепско, во 1926 година.
1996.- Умре Благоја Николовски, македонски вокален солист-тенор. Роден е во 1935 година.
1997.- Во пожар во нафтената рафинерија во Висакапата, на југот од Индија, загинаа најмалку 56 лица, а истиот ден во централниот дел на земјата загинаа 81 патник кога експресен воз падна од мост во река.
1997.- Во судар на американски и германски воени авиони над Атлантскиот Океан близу брегот на Намибија загинаа сите 22 лица во двата авиона.
2000.- Високиот функционер на кинескиот парламент Ченг Кеџи е погубен под обвинение дека примил мито од пет милиони долари. Тој е највисокиот кинески функционер кој е осуден на смрт поради корупција од 1949 година.
2001.- Умре Ахмад Шах Масуд, со години водечки герилски командант во Авганистан против владејачките талибанци, подлегнувајќи на повредите кои пет дена пред тоа му ги нанесе терорист-самоубиец активирајќи експлозив во Масудовата канцеларија.
2003.- Швеѓаните на референдум со убедливо мнозинство се изјаснија против воведувањето на еврото како официјална валута во земјата.
2003.- Војската со пуч ја презеде власта во малата западноафриканска земја Гвинеја Бисао.
2004.- Во експлозија на автомобил-бомба на преполниот пазар во западниот дел на Багдат, во непосредна близина на полициска станица, загинаа 47, а ранети беа преку 100 лица. Одговорноста за нападот ја презеде бунтовничката група која ја предводи соработникот на Ал Каеда Абу Мусаб ал Заркави.
2005.- Во Скопје почина најуспешната македонска падобранка во женска конкуренција Нада Ицева - Салџиева. Таа има изведено преку илјада падобрански скокови и беше членка на женската падобранска репрезентација на Југославија. Победник е на повеќе меѓународни падобрански купови и е републички рекордер во женска конкуренција во сите падобрански дисциплини. Добитник е на највисокото признание на ФАИ - Меѓународна воздухопловна федерација - „Златна мечка со три дијаманти“. Македонскиот Олимписки Комитет во 1998 година, кога го изведе својот последен скок ја прогласи за Македонски спортски великан. Родена е во 1934 година во село Павлешенци, Свети Николе.
2006.- Во Фиренца умре Оријана Фалачи, најпознатото италијанско новинарско перо. Родена е во 1930 година.
2007.- Меѓународниот Црвен крст соопшти дека најмалку 150 луѓе загинаа, а повеќе од стои илјади се евакуирани поради поплавите и невремето кои ја зафатија Африка. Невремето највеќе ги погоди Етиопија, Руанда и Уганда. Обединетите нации соопштија дека поплавите загрозиле 500.000 жители во 12 африкански земји и дека уништиле обработливо земјиште и станбени објекти, како и дека во некои земји се поплавени и цели градови.
2009.- Умре американскиот глумец Патрик Свејзи, кој беше познат и како одличен професионален танчер, а кариерата ја започна во мјузиклите на Бродвеј.
2012.- Умре Драган Тумановски, судија во Врховниот суд на Република Македонија. Завршил основно образование и гимназија во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје како најдобар студент на генерацијата за што е добитник na наградата на универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Во 1997 година беше избран за судија на Врховниот суд на Република Македонија. Тумановски беше непосреден учесник во изработката на повеќе закони од областа на судството, ги водеше експертизите пред Советот на Европа за Законот за судовите, за Кривичниот законик, за Законот за кривичната постапка и за Законот за парничната постапка. Има објавено преку 100 трудови во повеќе стручни списанија: „Судска ревија“, „Правник“, „Безбедност“, „Ревија за кривично право и криминологија“. Во 2005 година Тумановски беше добитник на награда на градот Струмица. Носител е на Орден на трудот со сребрен венец. Роден е на 18.11.1951 година во Струмица.
2020.- На 73-годишна возраст почина писателот и хроничар, Данило Коцевски. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Еден е од иницијаторите за основање на Институтот за македонска литература, заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски, на почетокот на осумдесеттите години. Член на Друштвото на писателите на Македонија станал во 1973 година. Со група еминентни македонски писатели основач е на здружението на Независните писатели на Македонија, во текот на 1993-1994 година. Како дваесетгодишник (1967) професионално се вработува во редакцијата на весникот „Млад борец", а подоцна преминува во културната редакција на тогашната Радио – телевизија Скопје (1973). Најпрвин бил член на редакцијата на познатото списание за уметност и култура „Разгледи", а потоа и негов главен и одговорен уредник. Од 2008 – 2012 година ја извршувал функцијата директор на Струшките вечери на поезијата. Првата книжевна творба ја објавил во весникот „Нова Македонија" во 1962 година. Познат е пред се како книжевен критичар и теоретичар. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку јазици и застапени во неколку антологии. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот. Досега има објавено триесетина дела од најразлични жанрови. Освен книгите, пишува и драми, од кои неколку се изведени и наградени. Данило Коцевски е роден во 1947 година во Куманово.
###