• петок, 19 април 2024

СДСМ на конгрес ќе ја потврди кандидатурата за втор мандат за претседател на Пендаровски

СДСМ на конгрес ќе ја потврди кандидатурата за втор мандат за претседател на Пендаровски

Скопје, 3 март 2024 (МИА) – СДСМ денеска ќе одржи Конгрес на кој треба да биде официјализирана кандидатурата за втор мандат за шеф на државата на актуелниот претседател Стево Пендаровски. 

Како што најавија од партијата, Конгресот ќе има отворен и работен дел. По завршување на работниот, затворен дел, Конгресот ќе биде отворен за јавноста, а медиумите ќе можат да го проследат обраќањето на кандидатот за претседател на државата.

Пендаровски на прес-конференција завчера ја објави кандидатурата за претседател нагласувајќи дека станува збор за граѓанска кандидатура и ги повика граѓаните од денеска да дадат потпис за него во подрачните единици на Државната изборна комисија.

Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Република Словенија, по повод учеството на јубилејниот десетти состанок на лидерите на земјите учеснички

- Во изминативе пет години покажав дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка, или економска моќ во државата, вклучително и во однос на оние кои го поддржале на избори. Зад себе имам мандат без ниту една стратешка грешка. Без ниту една корупциска афера и ниту еден случај на непотизам или судир на интереси, поврзани со мене, со моето семејство, со моите роднини, пријатели, или најблиските соработници, истакна Пендаровски на прес - конференцијата.  

Пендаровски со давање свечена изјава во Собранието на Република Северна Македонија на 12. мај 2019 година, официјално ја презеде функцијата претседател на државата. Тој првпат беше кандидат за претседател на државата во 2014 година, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеа да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова.

Од 2001 до 2004 година е Советник за национална безбедност на Претседателот на Република Македонија. Од 2004 до 2005 година е Претседател на Државната изборна комисија. Од 2005 до 2009 година е Советник за надворешна политика на Претседателот на Република Македонија. Од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието на Република Македонија. Од декември 2017 година до мај 2019 година е Национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за влез во НАТО. 

На Конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, насловена „Важно е! Лидерство што носи промени", вчера со 444 гласа од 454 присутни делегати официјално беше потврдена кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата на претстојните Претседателски избори. 

ВМРО-ДПМНЕ денеска одржува конвенција за кандидатурата за претседател на Гордана Силјановска-Давкова. 

-Изборите се пред нас, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери во овие четири години вредно работеа и докажаа дека се единствена можна европска алтернатива. Изборите ќе го означат новото време. Ако со реформи покажеме дека знаеме европски да живееме и да работиме, тогаш ќе имаме самопочит – таа е важна, ама ако не е заслужена нема да не почитуваат. Така ќе станеме вистински Европејци, порача Силјановска-Давкова на конвенцијата.

И кандидатот на албанската опозиција „Вреди“ Арбен Таравари беше промовиран официјално синоќа на митинг во Гостивар, каде порача дека ќе биде поинаков и претседател на сите граѓани. Најави дека ќе се ангажира за избор на претседател во Собрание, за уставните измени и за бришење на терминот 20 проценти.

- Оваа кандидатура е одговорност, но и најголема привилегија што сум ја имал во животот. Јас ќе бидам претседател на народот и на народот. Ќе бидам апсолутен победник во албанскиот табор, рече Таравари.

Тој  еден од петмината кандидати кои ги собраа потребните 10.000 граѓански потписи за влез во трката за претседател. Со потписи досега се официјализирани кандидатурите и на лидерот на „ЗНАМ“  Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски и на Билјана Ванковска, кандидат на Левица. 

Претседателските избори во земјава ќе се одржат на 24 април 2024 година, додека парламентарните избори две недели подоцна на 8 мај, кога би се одржал и вториот круг од претседателските избори. Изборот на претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател, додека редовните избори за пратеници се одржуваат секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на претходниот пратенички состав.

Претседателот на Републиката и пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори, со тајно гласање.

Согласно Изборниот законик, избор на претседател на Републиката се врши на територијата на земјата и во дипломатско - конзуларните претставништва на Република Македонија во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, како една изборна единица според мнозинскиот модел. цр/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан