• четврток, 03 октомври 2024

Портокалово ниво на опасност од високи температури, денеска до 41 степен

Портокалово ниво на опасност од високи температури, денеска до 41 степен

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Портокаловото ниво за опасност од високи температури останува активно денеска и утре затоа што, под влијание на многу топла воздушна маса од југ, времето ќе биде особено топло и дневната температура наместа ќе надминува 40 степени. Во Скопје максималната температира ќе достигне 41 степен. 

Според прогнозата на УХМР, времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 23, а максималната ќе достигне од 35 до 41 степен. УВ-индексот ќе има вреднсот 9.

Во Скопје сончево и многу топло со слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 41 степен.

УХМР до крајот на оваа седмица прогнозира сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност.

-Од четврток во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, особено во деновите од викендот кога ќе има услови за изолирано невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. 

Поради новиот топлотен бран во првите три дена од оваа работна седмица, до утре (14 август) важат препораките за намалување на ризиците од високите температури кои ги усвои Владата на седница во неделата, на барање на Министерството за здравство.

Со препораките за превенција, ослободени од работните обврски се најранливите групи население -  бремените жени и лицата постари од 60 години.

На работодавачите им е препорачано од 12 до 14 август да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено односно да се избегнуваат работни активности на отворено од 11 до 17 часот, а во тој период од денот да не се изнесуваат ниту децата од градинките и тие да немаат физичка активност. 

На општините, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран им се укажува да им помогнат на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници. хс/са/ 

Фото: МИА архива 

 

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан