Ревија на современ италијански филм „Cinema Made in Italy“
- Од денеска до 9 ноември во Киното „Cineplexx“ ќе се одржи ревија на современ италијански филм под називот „Cinema Made in Italy“.
Скопје, 6 ноември 2023 (МИА) - Од денеска до 9 ноември во Киното „Cineplexx“ ќе се одржи ревија на современ италијански филм под називот „Cinema Made in Italy“.
Ревијата на современ италијански филм, кој се одржува за првпат, е во организација на „Cinecittà“, Италијанскиот институт за култура од Белград, Амбасадата на Италија во Скопје и „Cineplexx Skopje City Mall“.
Како што информираат од Италијанската амбасада, програмата вклучува четири филма од најновата италијанска продукција, кои беа прикажани на последното издание на Филмскиот фестивал во Венеција:
„Убаво лето“ (2023) во режија на Лаура Лукети, „Како овци меѓу волците“ (2023) во режија на Лида Патитучи, „Мими – принцот на ноќта“ (2023) во режија на Брандо Де Сика, „Адаџо“ (2023) во режија на Стефано Солима.
Филмската ревија е дел од богатата програма на настани организирани од Амбасадата на Италија во Скопје, по повод одбележувањето на 30. годишнината од востпоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Република Северна Македонија.
Филмовите се титлувани на македонски јазик, а проекциите започнуваат во 20 часот. Сите приходи од продажбата на билетите со сомболична цена од 120 денари, како и од донациите на посетителите, ќе бидат наменети на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје.фф/са/
Фото: Амбасада на Италија во Скопје